Деновиве од печат излезе најновата поетска книга на Филип Клетников, „Стојач на работ“, во издание на „Авант прес“. Книгата опфаќа триесетина песни во пет циклуси. Во својата рецензија за најновото поетско дело на Филип Клетников, истакнатиот критичар и филозоф Ферид Мухиќ подвлече дека станува збор за антологиска поетска книга испеана од максимална височина во која со бравурозен поетски израз се сублимирани универзалните јанѕи и перенијалните дилеми на човекот како суштество застанато на работ од светот и соочено со ништото.
Според Мухиќ, „Стојач на работ“ е не само најзрело и најсилно остварување на македонската поезија во поново време, туку претставува и значаен настан на европската и светската книжевна сцена.
Покрај поезија, Филип Клетников пишува и објавува и раскази и есеи. Препејува и преведува од современ и средновековен германски јазик.