Филмската критичарка Лесли Фелперин на британски „Гардијан“ го критикува фестивалот за заложбите против секаков вид дискриминација, кои, според неа, се само декларативни, а во суштина проблемите остануваат
Оваа година Канскиот филмски фестивал започна иницијатива насловена „Црвениот балон“, според истоимениот детски филм на Алберт Ламорис, која се состои од пакет услуги за фестивалот да стане поатрактивен за цели семејства. Така, има простории за доење, за преоблекување бебиња, павилјон за деца, процес на акредитација што овозможува добивање два бесплатни беџа за дадилка и бебе, приоритетен и лесен влез за родители со деца и детски колички, плус нешто што се вика „Црвен балон ВИП-пакет“, кој вклучува листа на сертифицирани дадилки за проекциите во доцните часови. Иновациите се дел од модернизацијата на фестивалот, како одговор на скандалот со Харви Вајнстин и движењето „И јас“. Но дали станува збор за значајни иницијативи или, пак, само за нефункционални трикови?
Филмската критичарка Лесли Фелперин на британски „Гардијан“ вели дека мерките се добредојдени, но прашува колку навистина тие се практични.
– Тоа е фин гест, но не познавам ниту една мајка што работи, која би сонувала да ги донесе своите деца на Канскиот фестивал. Идејата да се турка детска количка по Крозета е ужасна, не можете да стигнете од едниот до другиот крај ни како пешак – вели Фелперин.
Покрај иницијативите и ВИП-пакетите, се чини фестивалот нема намера да одговори на некои поочигледни прашања. Кан беше критикуван за доделувањето почесна „златна палма“ на францускиот актер Ален Делон, и покрај загриженоста што ја покажаа одредени групи во однос на неговиот став против правото на хомосексуални двојки да посвојуваат деца (велејќи дека тоа е „против природата“) и неговото признание дека удрил жена. Фестивалот, за сајтот „Варајети“, открива дека честа му е оддадена на Делон поради тоа што „тој е легендарен актер и е дел од канската историја“. Одлуката е донесена една година откако Ласт фон Трир се врати во Кан и покрај обвиненијата од пејачката Бјорк за сексуално малтретирање на сетот на неговиот филм „Танцувач во мракот“ (2000 г.).
Оваа година повторно има недостиг од жени режисери во трката за највисоките награди. Џесика Хоснер, Селин Сјама и Џастин Трие се единствените три што се натпреваруваат. Само три жени од вкупно 21 режисер беа во компетиција и лани, а истото тоа се случи и во 2017 година. Ова се случува откако лани доделувањето на последната награда ја разбранува филмската индустрија. Јапонскиот режисер Хироказу Коре-Еда го привлече вниманието кога му беше доделена „златната палма“ за „Крадци“, за неговиот филм за група крадци што се борат да преживеат на работ на општеството. Овој филм воодушеви со својот изненадувачки крај, а на самата церемонија се случи уште еден неочекуван момент, кој ја вжешти инаку мирната атмосфера.
– Во 1997 година бев силувана од Харви Вајнстин, тука на Канскиот фестивал. Имав 21 година. Овој фестивал беше негово поле за лов – рече италијанската актерка и режисерка Азиа Аргенто, која наведе дека била нападната од филмскиот продуцент во хотелот „Кап-еден-рок“.
Аргенто тогаш им се обрати на мудро облечените членови на публиката, кои ја претставуваат филмската елита, тие за кои таа верува дека се соучесници во криминалот што му се дозволил на филмскиот продуцент и на другите како него.
– Тој ќе живее без чест, избегнуван од филмската заедница што го заштитуваше и ги покриваше неговите злодела. Знаете кои сте. Но уште поважно, ние знаеме кои сте. И нема да ви дозволиме да се извлекувате со ова повеќе – рече таа.
Малку претходно на фестивалот, 85 жени протестираа на црвениот тепих. Бројот беше значаен: само 82 филма на жени режисери се натпреварувале за „златната палма“ во текот на повеќе од 70 години, споредено со повеќе од 1.600 филма од мажи режисери. Џејн Кампион е единствената жена режисер што ја добила главната награда за нејзиниот филм „Пијаното“ (1993 г.). Кристен Стјуард ги соблече своите потпетици „лобутин“ на црвениот тепих во знак на протест против стриктниот код на облекување, според многумина е неприфатливо да се регулира изгледот на гостинките на фестивалот. Шеснаесет актери продолжија со протест на црвениот тепих за да стават акцент на расизмот во филмската индустрија.
Фестивалот се обиде да одговори на барањата да биде попроактивен во нудењето помош за оние што биле сексуално малтретирани – отвори линија за да им понуди начин на жртвите или на сведоците да пријават насилство. Сево ова во текот на една година, која се очекуваше да биде клучна за промена – моментот кога Канскиот фестивал, најголемиот од сите, се соочи со движењето „И јас“ и се модернизира. Дванаесет месеци по изјавата на Аргенто, зомби-филмот „Мртвите не лажат“ на Џим Џармуш го отвори овој фестивал, а настанот сѐ уште се бори со својот упорен непријател: спектарот на историски сексуални малтретирања и очигледната неспособност да се сфати родовата дискриминација сериозно.
– Кан сѐ уште е заглавен во културата што е под влијание на серијата „Маркетинг-директори“ од 1950-тите. Дизајниран е околу потребите на најголем број ексклузивни мажи што сѐ уште се борат со фактот дека земјата се движи под нивните нозе. Има нешто многу проблематично во ваквиот модел на филмски фестивали. Нешто е расипано – заклучува Фелперин.