Со врачувањето на наградите за најдобрите кинематографери и прикажувањето на филмот „Манаки-приказна во слики” на Роберт Јанкуловски, во Битола беше спуштена завесата на јубилејното 40 издание на интернационалниот филмски фестивал „Браќа Манаки”.
Жири комисијата во сотав Ед Лакман, Калојан Божилов, Доминик Велински, Фејми Даут и Ненад Дукиќ, највисокото признание на Фестивалот, наградата „Златна камера 300” ја доделија на кинематограферката Хелен Луварт за филмот „Невидливиот живот на Евридика Гузмао”.
Ова признание Хелен Луверт го доби заради суптилното користење на боите и силните композиции кои ги откриваат емоциите на ликовите и не приближуваат до приказната. Хелен Луварт маестрално ни ги покажа можностите на кинематографијата и нејзината психолошка моќ за раскажување приказни, оценија членовите на жирито.
Кинематограферот Џинсонг Донг ја доби „Сребрената камера 300” за филмот „Езеро на дивите гуски” поради, како што истакнаа членовите на жирито, квалитетот на фотографијата, постигнат преку светло и бои, особено во ноќните сцени, моќната стилизација на фотографијата и кошмарниот свет на ликовите кои ја збогатуваат приказната.
Кинематограферот на филмот „Пирани”, Даниеле Ципри е добитник на „Бронзена камера 300” поради устроениот натуралистички пристап, силата на кадрирање и светлото, заедно со лесното движење на камерата, а на Јоланта Дилевска, кинематограферка на филмот „Ајка” и е доделено посебно признание поради интуитивната употреба на камерата – пристап кој и визуелно и драматуршки ја изразува емоцијата на главниот лик.
Наградата “Мала камера 300” ја доби кинематограферката Констанца Сандовал од Аргентина, за филмот „Чудовишен господ”, поради како што истакнаа од жирито поетичноста на сликата и суптилното користење на боите во приказната, а посебни признание доби Гијом Ле Гронтек за филмот „ Комбето” поради употребата на рачната камера која ги истакнува главните аспекти на приказната и употребата на боите на експресивен начин.
– Оваа награда многу ми значи, го сакам овој фестивал и во овој момент не би можела да бидам посреќна, ви благодарам – рече Констанца Сандовал која допатува од Аргентина во Битола за да учествува на „Брака Манаки”.
На завршната вечер љубителите на филмот му се поклонија на уште
еден филмски маг во оваа 40 јубилејна година на фестивалот „Браќа Манаки”,
На Јоргос Арванитис му беше доделена наградата за животно дело “
Златна камера 300”. Арванитис во текот на речиси шест децении осветлил и
обликувал слики со исклучителна убавина во повеќе од стотина играни
филмови низ Европа и низ Медитеранот.
Тој работел со Тео Анѓелопулос, Жан Зак Адриен, со Динос Кацуридис, Пантелис Вулгарис, Волкер Слендорф, Микаел Какојанис, со Жан Пјер и Лик Дарден, Марко Белокио, Агњешка Холанд, Бруно Подалидес, Горан Паскаљевиќ, Марко Ферери…
– Голема чест ми е да бидам на овој фестивал и да бидам заедно со сите големи кинематографери. Чест ми е да присуствувам на фестивал која ја цени сликата и кинематографијата, а особено сум почестен што сум овде бидејќи моите корени се токму од овде, бидејќи јас сум Влав, рече Арванитис.
На свеченото затворање на фестивалот беше прикажан филмот „Манаки-приказна во слики” на Роберт Јанкуловски.
– Ова, за нас, кинематограферите, е свето место. Овој филм е резултат на моето истражување на филмското творештво на браќата Манаки. Филмот го работевме шест години, притоа водејќи се од максимата на Манаки „една слика за мене, една за историјата”. Сите ние кои создаваме некакви дела сме одговорни пред историјата и треба да го правиме тоа најдобро што можеме за да ја оправдаме оваа максима – рече Јанкулоски.
Директорката на фестивалот Гена Теодосиевска порача дека завршувањето на годинешното издание на „Браќа Манаки“ претставува нов почеток.
– Секоја приказна има свој крај, но ние нема да дозволиме ова да биде
крај, туку еден нов почеток во пресрет на 41-то издание на Меѓународниот
фестивал на филмската камера „Браќа Манаки” и се надевам дека оваа сала
повторно ќе биде полна со оние кои навистина го сакаат, го обожуваат и го
вреднуваат филмот – истакна директорката на фестивалот Гена Теодосиевска. М.М.