Со проекција на македонскиот филм „Сестри“ в четврток на 16 септември ќе започне годинешното 42. издание на ИФФК „Браќа Манаки“.
Фестивалот ќе се одржува согласно протоколите за заштита од ковид-19.
– Многу водиме сметка на тоа протоколите да бидат почитувани, да бидеме во согласност со она што го објавија и ќе го објавуваат од Комисијата за заразни болести, значи секаде во затворени простории 30 % на капацитет, заради тоа имаме и намалена публика годинава за отворањето. Голем е интересот за присуство на отворањето на фестивалот, но ние не можеме сите да ги пуштиме, 50% на отворено, маски се носат, сертификати мора да се покажат на врата, ќе имаме редарска служба која ќе ги чита. Мене ми е жал, но таков е законот, казните се многу големи, ние не можеме да си дозволиме да правиме нешто што не е легално во овој момент, ниту пак во било кој друг момент. Во дадениов случај бевме принудени да вратиме дури и гости – рече директорот на фестивалот Дамевски.
Годинава проекции за жири-комисијата ќе има и во киното „Манаки“, кое ланската година беше опремено за прокции преку граничниот проектот на општина Битола Кино Култура.
– Заради околностите и условите имаме меѓународно жири, кои што доаѓаат од разни земји каде што има разни протоколи и ние се договоривме заради нивна безбедност да овозможиме тие да ги гледаат филмовите во киното „Манаки“. Програмата годинава на фестивалот е скратена и содржи 10 долгометражни филмови и 10 кратки филма. На фестивалот „Браќа Манаки“ во офф-програмата ќе биде претставена и приватната фонотека на Петар Ставрев и Сашо Ставрев – додаде Дамевски.
М.М.