За и против aмериканизирањето на британската награда
Со четири писатели што не ѝ припаѓаат на белата раса, потесниот список, кој го сочинуваат вкупно шест автори, објавен неодамна, претставува најразновидниот избор во историјата на книжевната награда „букер“. Четворица дебитанти (Дајан Кук, Авни Доши, Даглас Стјуарт и Брендон Тејлор) се натпреваруваат со признатите автори Циси Дангарембга од Зимбабве и Мааза Менгисте, која има етиопско-американско потекло, за наградата што носи 50.000 фунти.
Освен Дангарембга, сите автори се од САД или имаат американско државјанство. Правилата беа изменети во 2014 година, така што се овозможи секој писател што пишува на англиски јазик и е објавен во Велика Британија да може се натпреварува за наградата. Претходно право на учество имаа само автори од Велика Британија. Ова беше нашироко критикувано од британската издавачка индустрија, која предупреди дека измените ќе доведат до доминација на американски автори. Џорџ Саундерс и Пол Бити се двајцата што ја освоија наградата „букер“ по промената на правилото.
– Никој не ја добива наградата „букер“ поради тоа што е или кој е. Книгата ја освојува наградата поради она што го постигнала. Она што се случува е доказ за вербата на жирито во, меѓу другото, првите фикции: тие откриле дека овие писатели имаат многу да кажат и откриле дека тоа го кажале на начин што станал уште побогат на второ читање – вели Габи Вуд, литературен директор на фондацијата „Букерова награда“, откако беше објавен потесниот избор.
Книгата „Ова тажачко тело“ на Дангарембга, која неодамна беше уапсена во Хараре за време на мирен протест против владината корупција, ја постави на листата автори што се борат за „букер“, додека, пак, Менгисте, која влезе во потесниот избор со својата приказна за обичните луѓе, „Кралот во сенка“, е првиот етиопски писател што се најде во потесниот избор на „букер“.
– Секоја година жирирањето за наградата „букер“ е чин на нови откритија. За што станува збор, како можеме да ја прошириме мрежата, како изгледаат овие книги кога се споредуваат една со друга, како поминуваат кога се препрочитуваат? Ова се прашањата што членовите на жирито секогаш си ги поставуваат самите себеси и едни на други – вели Вуд.
Во однос на бројката на американски автори што се натпреваруваат за наградата, Вуд вели дека тоа не претставува проблем. Таа верува дека тоа е добро за читателите, а читателите не проверуваат пасоши.
– Не ни е важно дали некој е Британец или не е, нам ни се важни книгите. На крајот судиме врз основа на тоа што го мислиме за книгите, а не за националностите – вели претседателката на жирито Маргарет Базби, првата црна жена издавач во Велика Британија, уште од 1967 година.
Жирито прочита 162 романи за да дојде до потесниот избор.
Во првите 43 години од доделувањето на наградата (сега е 51-та година), од повеќе од 200 члена на жирито, само двајца биле од црната раса.
– Различноста отсекогаш била важна. Разновидноста е реалност. Опсегот на книгите оваа година ни овозможи да се луксузираме со вешто раскажување приказни и да се изненадиме од нечуените гласови што може да се артикулираат – вели жирито.
Реакциите лани беа поделени. Минатогодишната победничка, Бернардин Еваристо, која ја подели наградата со Маргарет Атвуд, рече дека е премногу возбудена од овој неверојатен изборен список за 21 век, додека пак романсиерката Аманда Крег изјави дека смета дека доминацијата на американските автори е разочарувачка.
– Мислам дека многу британски автори сега сметаат дека „букер“ е губење време. Отворањето за Американците останува огромна грешка. „Букер“ некогаш беше круна на славата на кариерата на британскиот или „комонвелт“ романсиер. Можеби некои победници не беа најдобро избрани и победата ја испуштија одлични книги, но како читател имавте чувство на возбуда, бидејќи „големите ѕверови“ беа спротивставени на помалку познатите или непознатите натпреварувачи. Повеќе не е така – рече Крег.
Победникот на „букер“ за 2020 година ќе биде објавен на 17 ноември, со традиционалната вечера во „Гилдхал“.