Комедијата „39 степеница“ на загрепскиот Градски театар „Комедија“ победи на годинешното издание на Меѓународниот фестивал на комедијата „Гола месечина“, кој со доделувањето на наградите вчеравечер беше свечено затворен.
Оваа претстава ги собра и наградите за најдобра режија, најдобра актерка и најдобар актер што ги додели специјалната меѓународна жири-комисија.
Годинава за првпат беше доделена и награда за животно дело, која отиде во рацете на нашиот познат актер и шоумен Игор Џамбазов. Исто така, награди добија и Нина Максимова и Марко Трајковиќ од кумановскиот театар за најдобри млади актери, актерот на Народен театар од Охрид, Стрезо Стаматовски, за најдобра епизодна улога, како и Мирољуб Недовиќ, кој го играше главниот лик во претставата „Кнегињата од Фоли Бержер“ на нишкото Народно позориште.
На последната вечер од фестивалот пред доделувањето на наградите премиерно беше прикажан документарен филм за големата актерка Анче Џамбазова што го сними националната установа „Театар комедија“, под режисерската палка на Миле Гроздановски, а по сценарио на Гоце Трајковски. Во филмот беа прикажани разни аспекти од животот и кариерата на Џамбазова.
Шестиот фестивал „Гола месечина“, која стана заштитен знак на летата во Аеродром, заврши со стендап-настапот на Никола Тодоровски. Овој веќе традиционален фестивал траеше од 2 до 9 септември во организација на „Театар комедија“ и Општина Аеродром, која од својот буџет одвои 1.200.000 денари.
Верната публика секоја вечер ги пополнуваше трибините во спортскиот центар „Ново Лисиче“ на сцената под отворено небо, буквално до последното столче. Огромниот интерес на граѓаните да ги гледаат комедиите сите осум вечери, како што изјави градоначалникот Златко Марин, за општината е поттик и во иднина да го поддржува овој фестивал, бидејќи на тој начин се збогатува културниот живот на граѓаните.