Планирано е годинава да има околу 30 гости од странство. Сите филмови ќе бидат прикажани на филмско платно и нема да има онлајн проекции
Фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“ во своето 12-то издание ќе се одржи од 19 до 26 август во Скопје. Фестивалската програма ќе се прикажува на четири локации, и тоа во „Куршумли-ан“, Младинскиот културен центар, Музејот на современата уметност и Музејот на РСМ. Фокус на 12-от „Македокс“ е дистрибуцијата на документарниот филм, со посебен акцент на промоцијата на филмовите на фестивалите низ Европа.
– Мото на фестивалот е „Што сега?“, бидејќи во изминативе две пандемиски години сите имавме желба за патување или барем да се помрднеме од место, но сите бевме вкоренети на едно исто место. Таквата состојба нѐ поттикна да размислуваме за тоа што да направиме сега и да се преиспитаме како ќе продолжиме да живееме понатаму – истакна Дарко Набаков, извршен директор на фестивалот „Македокс“.
Филмската програма на 12-от „Македокс“ содржи над 70 документарни остварувања во пет натпреварувачки категории: Главна програма, Нови автори, Кратки документарни филмови, Студентска програма, како и програмата Етички идеи. На фестивалот ќе се доделат пет награди, а во комисиите за награди членуваат 15 интернационални професионалци од документарниот свет. Надвор од компетицијата, но значајни фестивалски програми се Земја во фокус, годинава тоа е Украина, и Програмата за деца и младинци.
Планирано е годинава да има околу 30 гости од странство. Сите филмови ќе бидат прикажани на филмско платно и нема да има онлајн проекции. Исклучок ќе бидат активностите поврзани со работилниците, мастеркласовите и форумот „МакеКоПроДокс“, кои, сепак, ќе се одржат онлајн.
– Фестивалот ќе биде отворен на 19 август, во „Куршумли-ан“, со документарниот филм „Луѓето од гаражите“, на режисерката Наталија Јефимкина, од програмата Нови автори. Во рамките на истата програма ќе бидат прикажани десет филма, а меѓу нив се и два документарни филмови што беа развивани на форумот „МакеКоПроДокс“ во текот на изминатите две години – информираат организаторите.
Главната програма содржи осум филма, во селекцијата на кратки документарци влегоа 17 остварувања, а во студентската програма ќе бидат прикажани седум филма. Во програмата за деца и младинци ќе бидат прикажани 20 филма, од кои девет ќе бидат кратки анимирани филмови од Норвешка, како и три кратки филмови од документарната школа „Докуникулци“ на „Македокс“.
Земја во фокус е Украина и ќе бидат прикажани десет нови документарни филмови, а на фестивалот ќе гостуваат и автори на филмовите.
– Последните неколку години Украинците како вистински војници напредуваат на светската документаристичка мапа, правејќи силен пробив на фронтот на најважните светски фестивали за документарен филм, освојувајќи голем број награди и големи симпатии од филмската критика и публика со својата најнова документаристичка продукција, секако, поддржана со засилена промоција од најзначајниот украински фестивал за документарен филм „Докудејс УА интернешнал хјуман рајтс документари филм фестивал“ и Украинскиот институт – посочи Петрула Велјановска, дел од програмскиот тим на „Македокс“.
Во индустрискиот сегмент на фестивалот, кој ќе се одвива онлајн, предвиден е мастерклас со Хајно Декерт, еден од најуспешните европски дистрибутери на документарни филмови, како и работилница што ќе се одржи на 17 август, пред почетокот на фестивалот.
Централно место во индустрискиот сегмент зазема третото издание на форумот „МакеКоПроДокс“, кој ќе се одржи од 23 до 25 август. Форумот ќе се одржи онлајн, а присутни во Скопје ќе бидат модераторите Хеле Хансен, Бриџит О’Шеа и Зејнеп Ѓузел.
– Главна цел на форумот е развој на стратегиски план за зголемување на копродукциите на документарните филмови меѓу балканските земји. Форумот вклучува претставници од 12 регионални филмски агенции, документарни здруженија, документарни професионалци и десет проекти во различни фази на продукција избрани преку отворен повик – објасни Сара Ферро, координаторка на форумот МакеКоПроДокс“.
Меѓу значајните сегменти на фестивалот се Разговорите под смоквата, кои ќе се одржуваат секој ден од 18 часот, во „Куршумли-ан“.