Добри вести во услови на криза
Македонскиот филм „Налепница“ доби награда на фестивал во Бруклин. Наградата за филмот на Георги Унковски, кој е прогласен за најдобар краток филм на Бруклинскиот филмски фестивал, е уште една од низата добри вести за нашиот филм, велат авторите. Овој филм беше прикажан во конкуренција на филмскиот фестивал „Санденс“, а доби и престижна награда во Словачка. Филмот беше финансиран од Агенцијата за филм во 2019 година.
Филмот „Налепница“ исто така е селектиран и ќе биде прикажан на претстојното издание на „Палм Спринг интернешнал шорт филм фест“, кој оваа година ќе се одржи од 16 до 22 јуни.
– Викендов свое прикажување во рамките на иницијативата „Ние сме едно – Глобал филм фестивал“ имаше и филмот „Знак“ на Елеонора Венинова, кој имаше и своја премиера во програмата Кензен на Канскиот филмски фестивал. Филмот е дел од проектот „СЕЕ фактори“, поддржан преку Агенцијата за филм – велат од Агенцијата.
Сепак, планетарната криза поврзана со ковид-19, додаваат оттаму, има големи реперкусии и во функционирањето на Агенцијата за филм, а тоа секако значи дека и македонскиот филм е пред предизвици.
– Застојот со ковид-19 ги стави во мирување сите проекти на Агенцијата, а филмските работници, кои се најчесто слободни уметници, немаат покриено придонеси и редовен месечен надомест. Агенцијата за филм заедно со Друштвото на филмските работници (ДФРМ) иницира и издејствува средства за субвенција на филмските работници за два месеца. Исто така, Агенцијата направи напор да бидат исплатени сите проекти што беа во завршна фаза, а притоа напомена приоритет во исплатите да бидат слободните филмски работници што работеле на овие филмови – велат од Агенцијата.
Ова беа меѓу првите интервентни мерки преземени од европските фондови за ублажување на влијанието на последниците од епидемијата, кои, секако, ќе ги има и во периодот што следува, па поради тоа се размислува и за нови мерки.
– На македонскиот филм му посакувам да продолжи да ја живее својата ренесанса и да се продуцираат добри и квалитетни филмови, кои ќе остават печат во домашната и странската кинематографија. Во оваа криза пред сė мораме да ги заштитиме филмските работници, тие посветени професионалци без кои нема да има македонски филм. Агенцијата ќе ги објави резултатите од конкурсот за филм како и секоја година, кон крајот на јуни или почетокот на јули – вели Горјан Тозија, директор на Агенцијата за филм.