Седумдесет години прилепски театар „Војдан Чернодрински“
Низ годините тука се создавале различни генерации актери што несебично согорувале на сцената. Без исклучок, сите велат дека театарот им е нивниот втор дом, но жалат што немаат сопствен објект и добри услови за работа
Со премиерата на претставата „Лажговци“ во режија на Коле Ангеловски и со манифестацијата „Недела на театарот“, во која ќе се изведат неколку претстави од тековниот репертоар од денеска до 23. овој месец, театарот „Војдан Чернодрински“ – Прилеп ќе одбележува 70 години од формирањето. Премиерно за јубилејот, вечерва, во 19.30 часот, ќе биде изведена комедијата „Лажговци“ по текст од Антони Нелсон, во режија на Коле Ангеловски. Сценографијата и костимите се на Илина Ангеловска, а играат: Марјан Чакмакоски, Андон Јованоски-Ашата, Виолета Чакарова, Цветанка Чавлеска, Трајче Иваноски, Најдо Тодески и Јасмина М. Станковска.
Низ годините тука се создавале различни генерации актери што несебично согорувале на сцената. Без исклучок сите велат дека театарот им е нивниот втор дом, но жалат што немаат сопствен објект и добри услови за работа.
Актерот Марјан Чакмакоски од повозрасната генерација вели дека во овој момент чувствата му се малку помешани, со оглед на неговите години.
– Од една страна, среќа е да се слават 70 години од кои барем половината сум ги минал тука. Од друга страна, тажен сум бидејќи нема да можам да славам 100 години. Да се биде на сцената е радост, возбуда, затоа што ова е нашиот втор дом, нашиот живот, сон што го сонуваме кој 10, 20 кој 30 години. Тој сон ќе го сонуваат и дел од помладите генерации. Прекрасно е да се биде и да се твори одново, одново на оваа сцена – вели Чакмакоски.
Актерката Даниела Иваноска, која дојде од Скопје да игра на прилепската сцена, вели дека го нашла ова семејство тука и за ништо не би го менувала ансамблот.
– Имаме фантастична соработка. Колегите се прекрасни. Произведуваме квалитет и сме во дослух со современите текови на театарското живеење. Она што нѐ боли е што славиме јубилеј на нешто што не постои. Не постои театар „Војдан Чернодрински“, а за зграда и да не зборуваме. Работиме во услови што се под секое човечко достоинство. Дали некој некогаш ќе има чувство да го разбере ова и потребата што значи да се инвестира во културата, не знам. По вокација сум оптимист, но толку ми станаа смешни тие муабети дека ќе бидеме театар и ќе имаме нова театарска зграда. Да останеме здрави и живи во овие нездрави услови во кои работиме. Но факт е дека од квалитетот никогаш не сме изгубиле и нема да изгубиме – вели Иваноска.
И актерот Игор Трпчески вели дека честа да се биде во ансамблот е голема особено ако се има значителна почит и однос кон професијата.
– Секој јубилеј е важен, дали првиот или стогодишниот, особено ако се посвети внимание кон вистинските вредности, кон кои и понатаму безуспешно трагаме – додава Трпчески.
За актерот Зоран Иваноски да се биде дел од овој театар е привилегија.
– Седумдесет е бројка што треба да се почитува и имаме целонеделно изненадување за нашите верни гледачи. Се надевам ќе уживаат во програмата. И се надевам дека седумдесет и една година ќе славиме откако ќе станеме театар, бидејќи сега не сме – истакнува Иваноски.
Завесата првпат се кренала на 18 февруари 1950 година, со изведбата на претставата „Кир Јања“ од Ј.С. Поповиќ, во режија на Аце Михајлоски. Првите актери што стапнале на сцената биле Рампо Ачески, Борка Димкароски, Благоја Кепески, Борка Солески, Блага Алампиоска, Блага Батаклиева… Потоа дошле следните генерации, за сега ансамблот на театарот да има 18 актери. Низ седумте децении се развивал и растел акцентирајќи го домашното драмско творештво. На прилепската театарска сцена првпат се поставени текстовите на Коле Чашуле, Томе Арсовски, Блаже Алексоски, Благоја Ристески-Платнар, Трајче Крстески, Василе Димески, Петар Петрески… Премиерите се ределе една по друга, се нижеле успесите и падовите на театарот.
Театарот „Војдан Чернодрински“, кој сега е дел од центарот за култура „Марко Цепенков“, досега прикажал над 350 премиери и околу 7.000 претстави, кои ги гледале над 1,5 милион луѓе. Најгледани и најиграни претстави низ годините се „Од кол на кол 1“ во режија на Коле Ангеловски, која 11 години е на репертоарот, и „Солунски патрдии“ од Миле Попоски, исто така во режија на Коле Ангеловски. Во досегашното постоење, најуспешна претстава е „Тапани во ноќта“ од Бертолд Брехт, во режија на Мартин Кочовски, која стана бренд на македонскиот театар. Со „Тапаните“, театарот освои три награди на фестивалот МЕСС во Сараево и беше победник на 44-от МТФ „Војдан Чернодрински“. Не помалку наградувана е и „Кавкаскиот круг со креда“, која во 2011 година беше прогласена за најдобра претстава на фестивалот „Екс Понто“ во Љубљана, Словенија, а потоа и за најдобра претстава на МТФ „Војдан Чернодрински“.