1001објект што мора да ги видите
архитект: Френк Гери
локација: Билбао, Шпанија
стил: деконструктивизам
материјал: челик, стакло, титаниум
По инаугурацијата во 1997 година, музејот „Соломон Р. Гугенхајм“ во Билбао во областа Баскија целосно го трансформира градот од аспект на културата, за да се дефинира како најдобра зграда во втората половина на 20 век. Спектакуларната зграда, направена од титаниум, симболизира закотвен футуристички брод на реката Нервион. Околината е место полно со зелени површини и плоштади.
Станува збор за дело на славниот канадски архитект Франк Гери, чиј најистакнат атрибут се заоблените и изопачени форми, во случајов покриени со варовник, стаклени завеси и титаниумски плочи, кои ја менуваат бојата кога ја рефлектираат сончевата светлина. Во градбата се сместени 20 галерии, а во центарот е атриумот, голем отворен простор со заоблен волумен, опкружен со големи sидови налик на стаклени завеси.
Бидејќи објектот е галерија на модерната уметност, зградата изгледа многу модерно и практично. Изградена е во стилот на деконструктивизмот. Ѕидовите се покриени со титаниумски плочи, а вкупната површина на музејот достигнува 24 илјади квадратни метри. Во текот на денот, зградата е со сребрена боја, а на зајдисонцето е целосно обоена во златна нијанса. Ентериерите на зградата се исто толку флуидни, сложени и повеќеслојни. Нема прави sидови и тавани, нема елементи од дрво, само стакло и титаниум.
Во една статија на „Венити феар“ може да се прочита за т.н. Билбао ефект, кој го означува економското оживување на еден зафрлен регион благодарение на врвната архитектура. Имено, по отворањето во 1997 г., музејот успева да ја вивне туристичката економија и да го ревитализира постиндустрискиот Билбао.