Театарот е место каде што се случува нешто исклучително, тука се преплетуваат режисерските идеи со актерското срце, место каде што се создава магија, а публиката ја восприема со отворена душа.
Токму тоа се случи на 3 април 1945 година, се случи празник на македонскиот театар, завесата се крена, а во свечена тишина се изговори и првата реплика. Некогаш во Скопје — ѕидовите, тарабите и бандерите беа облепени со плакати на кои се објави радосната вест – „Денес се отвори Народниот театар“.
Од тој април до денеска веќе 76 години Македонскиот народен театар неуморно патува низ времето, го чува и го негува театарскиот идентитет, израз, јазик и вредности. Веќе 76 години театар во кои на сцената „живеат“ љубовта, среќата и болката, вистината и соништата, радоста и страста.
Точно 76 години на креативност и творечка дејност низ кои на сцената почнувајќи од првата се поставени 405 претстави од 239 автори и драматурзи, а одиграни од 582 актери, поставени од 119 режисери и соработници, 115 сценографи, 75 костимографи, 31 кореограф, 102 композитори и избор на музика, огромен број луѓе позади сцената, дизајнери на плакати и програмки, одговорни за промоција, техничка служба, администрација и илјадници и илјадници вљубеници во театарот. Ова е не само фантастична бројка туку и доказ за посветеноста и страста кон театарот. Сево ова е делот што го придвижува и го оживува МНТ.