Во прекрасниот галериски простор во Куќата на Робевци во Охрид беше отворена фотоизложбата под работен наслов „Митско-библиски асоцијации“ на доајенот на фотографијата од овој регион, Анастас Ќушкоски.
Изложбата за отворена ја прогласи македонскиот поет Славе Ѓорѓо Димоски, кој во своето инстпиративно излагање, оваа изложба ја нарече како метаморфози на авторот во доменот на фотографската уметност. Притоа промоторот Димоски истакна дека ова е поезија во слики.
На изложбата беа поместени 31 фотографија, а на видео презентација беше прикажан целокупниот опус од 130 фотографии. Авторот на изложбата беше презадоволен од големата посетеност на истата и од богатството на фотографии изработени од негова страна, во годината кога одбележува пет децениско ангажирање на полето на фотографијата.
– Особено ми е драго што оваа изложба доаѓа како круна на моето пет децениско ангажирање на полето на фотографирање. Таа за мене е неисцрпен извор за креативно изразување и самопотврдување. Ова беше посебен предизвик за мене, бидејќи успеав да го спојам класичното со имагинарното, користејќи ја се разбира современата техника – рече авторот Ќушкоски, на отворањето на изложбата, во годината на јубилејот.
Помеѓу многубројните посетители можеше да се забележат и голем број познати уметници, писатели, поети и актери од овој регион.