Со врачувањето на Повелбата за исклучителен придонес во филмската уметност, во Кинотеката започна омажот на Мето Јовановски, кој е дел од програмата на 22-то издание на „Скопје филм фестивал“. Заблагодарувајќи му за легендарните улоги, повелбата му ја врачи директорот на Кинотеката, Владимир Ангелов.
– Има актери што умеат толку лесно да ве убедат во невозможното, на сѐ да стават свој печат, секоја ролја да ја направат незаборавна, има актери чија умешност едноставно ве остава без здив, кои толку неверојатно ги минуваат границите. Има актери за кои не сте сигурни дали го обележале македонскиот филм или се претвориле во таков симбол по кој македонскиот филм го препознаваме. И не само филмот. Мето Јовановски е еден од оние актери што го обележаа македонското глумиште, бидејќи без оглед дали станува збор за филм или за театар неговите ролји, мали или големи, секогаш остануваат во паметење. Неговата харизма, неговиот талент, неговата особеност, без ни малку претерување, се нешто што умее на секоја улога да ѝ даде не само живот, туку боја, сила, карактер, умее да ѝ даде таков печат, кој не може никого да го остави рамнодушен – рече Ангелов.
Заблагодарувајќи за признанието, Јовановски кажа дека радоста најмногу ја споделува со најмладата генерација, која со себе носи нов филмски сензибилитет ослободен од сите стереотипи и малограѓански предрасуди.
– Да се биде актер, филмски работник, соработник, да се биде дел од филмска екипа, да се влезе во светот на креативноста, во тој тајновит волшебен свет и барем за миг да се заборави тој црно-бел свет со желба да се преточи животот во возвишен и креативен чин е чест и привилегија, но и одговорност пред оние за кои постоиме, а тоа се нашите гледачи, публиката што знае да ја вреднува нашата уметничка, креативна работа и со кои заедно го славиме творештвото – уметноста и животот како највисока универзална вредност. Да ги славиме филмот и уметноста како зрак светлина против мрачните стереотипи и сето она што ја убива душата човекова – рече Јовановски.
По свеченоста беше прикажан филмот „Кога ќе осамне ден“ (2015) во режија на Горан Паскаљевиќ. Кинотеката и „Скопје филм фестивал“ во овој омаж на Мето Јовановски прикажуваат осум филма. Тоа се неговите улоги што ги играше во регионот, бидејќи Јовановски го обележи македонското глумиште, но и југословенското и многу пошироко.