Трет ден на „Букстар“ – тркалезна маса на тема „Превод/комуникација/разбирање“
Неколкумина од писателите гости, Марина Вујчиќ и Михаела Гашпар од Хрватска, Огнен Спахиќ од Црна Гора, Балсар Хоџа од Косово, како и домашните автори и преведувачи, Лидија Танушевска, Петар Андоновски и Соња Должан, дискутираа на тркалезната маса на тема „Превод/комуникација/разбирање“ на третиот ден од фестивалот „Букстар“, во организација на „Антолог“. Тие зборуваа за за проблемите со кои се соочуваат преведувачите и авторите од малите книжевни средини и за тоа како може да се зголеми квалитетот на преведените текстови. Модератор на тркалезната маса беше Владимир Јанковски, а настанот се одржа во „Јуроп хаус“ – Скопје.
– Преводот е суптилен начин да се слушне за другата култура и тоа е особено важно за малите култури и јазици, како што е, на пример, македонската, но и културите од регионот, што се соочуваат, претпоставувам, со слични проблеми како да се излезе од границите. Преводот е начин на преживување на тие култури. Ако го нема, би се изолирале во нашите мали средини, во нашите мали монолози – рече Јанковски, отворајќи ја дискусијата.
Хрватската писателка Марина Вујчиќ го повтори она што го изјави во едно од своите интервјуа, дадени за време на фестивалот, велејќи „многу наши писатели би биле светски книжевни ѕвезди, ако ја немале таа несреќа да творат на мали јазици“.
– Сите знаеме колку е тешко да се стигне до големите издавачи што објавуваат на англиски, германски или на француски јазик. Сѐ уште не ми е јасно зошто е тоа толкав проблем, кога нашите култури и книжевности би требало на Западот да му бидат интересни, би рекла егзотични. Нема одговор на ова прашање, веројатно нашите државни институции би требало повеќе да работат на ова поле, на превод на домашните ватори и нивна афирмација надвор – рече Вујчиќ.
Таа смета дека и регионално треба повеќе да се приближиме.
– Ама проблем е што книгите не се производ, како наполитанки на пример, па да се извезуваат. Книгите се помалку достапни, така што резултатот е тоа што, или малку, или не се познаваме воопшто – заклучи Вујчиќ.
Според македонскиот писател Петар Андоновски, македонскиот јазик има толку малку говорители што дури и во регионот не се зборува и разбира.
– На пример, во Бугарија, каде што сум имал неколку промоции. Ако не те преведат, никој нема да те чита. Мојот роман „Страв од варвари“ е веќе преведен на англиски, француски и на српски јазик, и мислам дека за тоа беа пресудни наградите што ги доби книгата. Наградите се важна референца кога се работи за преводите. Но, не е важно книгата само да се преведе. Кој ќе ја види и купи во тие огромни книжарници со безброј полици? Треба да биде соодветно промовирана и маркетиншки поткрепена. Важно е да се чуе и гласот на авторот. Затоа можеби треба да настапуваме заеднички, како балканска литература. Можеби одзивот ќе биде поголем, како што тоа го прават скандинавските автори, на пример – рече Андоновски.
Црногорскиот писател Огнен Спахиќ смета дека оваа идеја е добра, но е скептичен во однос на нејзината реализација.
– Овој простор на поранешна Југославија се распадна по шевови, така што не сум сигурен колку ние писателите сме моќни да се обединиме и да настапуваме заедно, иако е убава идејата. За жал, за повеќето странски издавачи ние, писателите од регионов, сме само дел од Истокот и кога не преведуваат тоа е само како некоја квота што треба да се исполни, дека во својата продукција имаат и автори од источниот дел на Европа. Западот сѐ уште сака да го гледа овој дел од Европа во согласност со предрасудите што веќе ги има – потенцираше Спахиќ.
Тој смета дека работите се сурови и дека дури ни писателите во Југославија, во тоа време, би имале малку преводи кај големите светски издавачи.
– Моите преводи секогаш се случувале случајно, благодарение на преведувачите и на нивниот ентузијазам, никогаш не сум бил дел од некој организиран настап, но не се ни оптоварувам со тоа затоа што писателската работа е осамнички чин и зависи пред сѐ од талентот, другото не е наша работа – вели Спахиќ.
Хрватската писателка Михаела Гашпар, која патем работи како директорка во маректинг агенција, зборуваше за овој сегмент од писателската работа.
– Маркетингот е прилично нехуман кога се работи за книгите. Тој прави мапа на емпатија, т.н. психо-профил на купувачот, во случајов на читателот, и така цели на него. Она што се рекламира главно се „букви во корици“, а не книги, многу ретко квалитетната литература има силен маркетинг. Така функционира светот, но тоа мене не ме фрустрира. Верувам дека на моите книги откако ќе ги напишам не сум им потребна. Целосно ми е непотребно да стојам зад мојата книга на некоја блескава сцена и да зборувам за неа, тоа е неприродно и ми претставува стрес – рече Гашпар.
Според неа, дури ни кампањите за поттикнување на читањето немаат влијание, односно можеби го зголемуваат интересот за книгите, ама, како што потенцираше таа, за погрешните книги.
Преведувачките Лидија Танушевска и Соња Должан зборуваа за проблемите со кои се соочуваат при изноаѓање на средства за превод и објавување на книгите, за малата стимулација за преведувачите, но и за мноштвото лоши преводи што ја загрозуваат оваа професија и се штетни по книгите.