„Врба“ на Манчевски меѓу петте финалисти
Филмот „Врба“ на Милчо Манчевски со Мариово и Трескавец во прилепската област е меѓу петте финалисти за наградата за најдобра филмска локација во Европа. Оваа награда ја доделува Европската мрежа на филмски комисии, а прилепската област каде што се снимаше „Врба“ влезе меѓу топ 5 во конкуренција со локации од 28 земји.
– Локацијата е апсолутно лик во приказната, така е во сите филмови на Манчевски. Има два вида динамика за тоа како употребата на локациите се доживува од публиката. Македонската публика се гордее со неговите филмови и ги доживува дури и како дел од националниот идентитет. Публиката во странство ги гледа филмовите на Манчевски и локациите како претставување на оваа мала земја, но исто така и како нешто универзално – вели продуцентот на „Врба“, Јане Ќортошев.
На официјалниот сајт на Европската мрежа на филмски комисии е отворено гласање за петте финалисти, кое ќе трае до 12 јануари 2021 година.
За наградата за најдобра филмска локација во Европа другите финалисти се: Банска Штјавница од словачкиот филм „Дракула“, езерото Резија близу Курон од италијанскиот филм „Курон“, замокот Моритсбург од германскиот филм „Ангелите на Чарли“, црквата „Пажаисли“ и манастирскиот комплекс околу неа во Литванија од филмот „Катерина Велика“. Наградата на победникот ќе му биде врачена во февруари на Берлиналето.
„Врба“ е македонскиот кандидат за „оскар“ за филм од неанглиско говорно подрачје за 2021 година. За една година од светската премиера на Римскиот филмски фестивал, „Врба“ освои вкупно пет трофеи, постигна рекорди во кино и ТВ-прикажувањето дома, доби одлични критики во светските медиуми, над 20 фестивали на четири континенти, а филмот го продолжува фестивалскиот поход со несмалено темпо, кое привремено беше запрено поради ковид-19.