Изложба на ДЛУМ
Друштвото на ликовни уметници на Македонија, под покровителство на Град Скопје и Министерство за култура, ја отвори изложбата „Мал формат“, која ќе трае десет дена. Малиот формат како творечки предизвик претставува честа дневна практика на ликовните уметници. Магијата на „малиот квадрат“, во површина 25 х 25 см, претставува искушение и за најголемите мајстори на визуелната уметност.
– Изложбата е традиционална поставка на крајот на годината, а можеби и можност претпразничниот период го збогатиме со уметничка понуда. Темите се слободни и можеме да забележиме замор од оваа тешка и специфична година, па така забележуваме враќање кон природата, кон пејзажот, но колорит и композиции што ќе нѐ замислат. Индивидуалниот ракопис и пристап на изработка кај секој од авторите ја бележи нивната потреба за творење, или пак бегство од реалната апатија, и дотолку повеќе се значајни овие колективни изложбени претставувања кон патот до гледачот. Таа слобода на изразувањето, која ја почитуваме кај нашите колеги, ви ја претставуваме со оваа изложба – велат од ДЛУМ.
На изложбата учествуваат 33 автори членови на ДЛУМ: Ана Ивановска, Ана Спасова, Ангелца Стоиљковиќ, Блашка Миева, Дејан Иванов, Дијана Томиќ-Радевска, Дита Старова, Душан Георгиевски, Емилија Божиновска, Златко Бојковски, Златко Глигоров и др.
Уметничкиот совет на ДЛУМ наградата за „мал формат“ му ја додели на Дејан Иванов-Маргуш, за делото „Осоговски пејзаж“.
– Со енергично насликаните мотиви од македонските скриени убавини, на кои авторот им се посветува подолг период, тој провоцира трагање со погледот, а поставува воздушна перспектива во која го внесува гледачот. Прочистениот израз, едноставниот богат потез и возбудливата текстура го збогатуваат чувството на оптимизам и нашата припадност кон природата – се вели во одлуката.
КИЦ ги додели и наградите: „Адем Кастрати“ на Златко Бојковски за делото „Музиката е готова“, наградата „Костантин Коце Мазев“ на Марија Светиев за линорезот „Во допир со белото“ и наградата „Вангел Коџоман“ на Дита Старова Ќерими за акрилот „Булка“.