Филмскиот материјал е сниман во Загреб, Скопје и во други делови на Македонија. Покрај Македонци, повеќето членови на ансамблот се Хрвати од разни делови на Хрватска и на Босна и Херцеговина, што го прави исклучително интересно неговото изведување на македонскиот мелос
Во Хрватска се емитува документарниот филм со наслов „Луди по Македонија“, кој го следи основањето и повеќе од две децении дејствувањето на хрватскиот ансамбл „Езерки и 7/8“, кој функционира во рамките на Хрватско-македонското друштво од Загреб. Ансамблот го изведува и го промовира македонскиот традиционален мелос. Филмот покажува како една култура и традиција може да бидат во голема мера поттикнувачки за други, а музиката се покажува како мост што ги спојува.
Филмскиот материјал е сниман во Загреб, Скопје и во други делови на Македонија. Покрај Македонци, повеќето членови на ансамблот се Хрвати од разни делови на Хрватска и на Босна и Херцеговина, што го прави исклучително интересно неговото изведување на македонскиот мелос. Успесите што ги постигнаа во Хрватска и во Македонија, според оцените на стручњаците, покажуваат дека ансамблот може да го претставува македонскиот мелос и надвор од границите на двете земји.
Бруно Урлиќ, уметнички раководител на ансамблот, докажа дека аматерското собирање со голема доза ентузијазам, љубов и вложен труд, може да доведе до исклучителни постигнувања. Тој е бивш член на култната сараевска група „Забрањено пушење“, и виолинист, а наедно е и аранжер и уметнички продуцент на сиот нивни творечки опус.
Женскиот вокален етносостав „Езерки“ сними пет цедиња и дивидија и на настапите имаше голем број интересни гости од хрватската и од македонската естрада (Тоше Проески, Бодан Арсовски, Матија Дедиќ, Лука Нижетиќ, Радојка Шверко, Раде Шербеџија, Зоран Предин, Дамир Кукурузовиќ, Калиопи и др.). Приказната за ансамблот е раскажана преку автентично сведочење на членовите на ансамблот, но и на учесниците што му припаѓаат на музичкото, културното, верското и политичкото милје на Хрватска и на Македонија, со што видувањето на групата е проширено и надвор од тесните музички рамки.
Сценаристи на документарниот филм „Луди по Македонија“ се режисерката Антонија Крен и Бруно Урлиќ, а директор на фотографија е Матко Петриќ.
Женскиот вокален етносостав „Езерки“ и оркестарот „7/8“ го стекнаа епитетот чувари на традиционалната македонска музика. Соработката на овие ентузијасти, делумно аматери музичари, започнала случајно со идеја да ги зачуваат традиционалните македонски песни и да ги популаризираат во Хрватска и во странство. „Езерки“ се формирани по иницијатива од Лена Ѓапиќ во 1995, а оркестарот „7/8“ во 2000 година.
„Езерки“ и „7/8“ досега имаат издадено пет албуми: „Ливинг рум – песни од големата одаја“ (прво издание Македонија, 2003), „Бакнеж“ (2006), „Спектакл“ (2008, концертен со ДВД), „Мустра“ (2010) и „Aмфитетар“ (2014), а соработувале со голем број ценети естрадни уметници.
„Езерки“ и „7/8“ исклучително ги негуваат македонската песна и музика. На нивниот репертоар се наоѓаат многубројни бисери на народното творештво, по чија изведба се познати. Бруно Урлиќ ги обработува песните на современ начин за да бидат пошироко прифатени, а свират на 12 традиционални македонски инструменти, кавал, тапан, тарабука, дајре… Со автентичната презентација на македонската народна музика „Езерки“ и „7/8“ се мошне популарни во Хрватска, но и на Балканот. Настапувале во многу места низ Хрватска, Македонија, Босна и Херцеговина, Словенија и Италија.