Оној што ви оспорува јазик и идентитет автоматски ве оспорува како егзистенција (живот). Тоа е своевиден нонсенс. Тој ви вели дека вие не постоите, а заборава дека, со простиот факт што ви вели дека не постоите, тој потврдува дека – постоите, вели Вангелов

Атанас Вангелов, добитник на наградата „Димитар Митрев“

Поетот, есеист, критичар Атанас Вангелов е годинашен добитник на наградата „Димитар Митрев“ за критика и есеистика за 2020 година на Друштвото на писателите на Македонија. Наградата му е доделена за книгата „Лирската биографија на Конески“ во која нагласува дека лириката на Блаже Конески функционира како монолитна целина, дека неговите песни воспоставуваат цврсти, интимни врски меѓу себе (и по стил и по мисла).

Вашата книга „Лирската биографија на Конески“ е наградена со „Димитар Митрев“. Долгогодишен истражувач сте на грандиозното дело на Блаже Конески. Што претставува за вас тој факт?
– Во „Лирската биографија на Конески“ јас радикализирав една постапка до која и досега се држев во својата критика, но не до тој степен. Се состои во тоа да го претворите во лично искуство тоа што го читате, а потоа да го „излеете“ во текст. Не бев сигурен како ќе одекне тоа во јавноста. Првите критики за мојата книга (Андреј Стојановски во „Слободен печат“ и Венко Андоновски во „Нова Македонија“) ме уверија дека тоа оставило печат и врз нивната критичка мисла. Тие критики беа напишани „од душа и со душа“, како што обично се вели. Драго ми е што го препозна тоа и жирито на Друштвото на писателите на Македонија што ја оценуваше мојата книга. Ете зошто наградата „Димитар Митрев“ ми е посебно драга.

Жирито во образложението, меѓу другото, вели дека посочената наградена книга претставува „раскошен клуч“, не само за лирскиот и творечкиот „рудник“ на Конески туку и „клуч за нашето себе(рас)толкување“. Како го доживувате денес лирското творештво на Конески?
– Онака како што веќе напишав во книгата за Конески. Неговата лирика функционира како монолитна целина, неговите песни воспоставуваат цврсти, интимни врски меѓу себе (и по стил и по мисла), така што неговиот лирски опус може да се нарече некој вид модерна „Илијада“ што, „без зазор и страв“, зборува за внатрешната драма на единката-заедница (и обратно!), која, како што вели во поемата „Тешкото“, излегува од мракот на вековите за да се „сети“ себеси како еднаква со другите. Таа базична мисла на Конески ја открив во неговата песна „Спомен“ (1939). Сега, кога ја привршувам книгата „Прозата на Конески“, можам да кажам дека со ист интензитет се јавува и во неговата повест „Крчмите“.

Во „Лирската биографија на Конески“ меѓу друго е поместен и автограф на последната песна на Конески „Зимско утро“. Која е нејзината приказна, но и вредност и специфика поради што е дел од книгата?
– Таа песна е последниот здив на Конески и тој здив е, како што се гледа, обраќање до сите оние што ги напушта. Тој зборува за „шалава сипка“ што ја гледа од својот болнички кревет. Таа буди кај него нов „порив за живот“ чија „жива вода“ (израз од „Ракување“) пополека „секнува“, како што „секнала“ силата на „Болен Дојчин“. Може да се праша: за кој и каков „порив за живот“ зборува Конески во својата последна песна? Одговорот на тоа прашање е даден во неговата поема „Ракување“ од 1952 година. Во таа поема, низ устата на поетите Кочо Рацин и Коле Неделковски, Конески вели дека смислата на тој „порив за живот“ е глас на долгот да ѝ се даде „слободен облик на татковината“.

Во контекст на актуелните општествено-политички случувања, како гледате на сѐ уште постојната, грчевита потреба за зачувување и одбрана на македонскиот јазик?
– Конески не се колебаше да влезе во конфликт и со своите омилени професори по лингвистика (Александар Белиќ од Белград и Кирил Мирчев од Софија) кога тие си допуштале „лошо да се искажат за нашиот јазик“. Тој за нив зборува (лирски) и во својата песна „Моите учители“. Таму вели дека жали оти не може да им го врати долгот што го „заслужувале“, но и тоа дека тие негови големи учители сепак си поставиле себеси цели „што лесно се постигнуваат“. „Грчевита потреба за зачувување и одбрана на македонскиот јазик“ секогаш ќе постои затоа што оној што ви оспорува јазик и идентитет автоматски ве оспорува како егзистенција (живот). Тоа е своевиден нонсенс. Тој ви вели дека вие не постоите, а заборава дека, со простиот факт што ви вели дека не постоите, тој потврдува дека – постоите. Ете, тоа е она скриено „да“ на секоја негација за кое зборува А. Ками во својата, веќе, класична книга „Побунетиот човек“ (1951).

Што сметате дека е неопходно да се направи во оваа јубилејна година за достојно одбележување на 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески на целата територија на Македонија, но и во странство?
– Тоа е работа на Министерството за култура и на владата на премиерот Зоран Заев, а потоа, на МАНУ, на Филолошкиот факултет и на Институтите за јазик и за литература. Да почекаме (и) да видиме што ќе направат. Што се однесува до мене, јас ја завршив својата работа со својата трилогија за Конески. Сметам дека, на тој начин, барем малку го вратив мојот долг кон него како човек што изиграл крупна улога во обликувањето на мојот духовен видокруг.