Институт за старословенска култура од Прилеп

Институтот за старословенска култура од Прилеп доби акредитација за лабораторија за археометрија. Археологијата како дел од хуманистичките науки во изминатиот половина век забележа исклучителен напредок, како во контекст на теоретската заснованост на применетата методологија, така и во интерпретацијата на откриените материјални остатоци од минатото. Особено, развојот во последните 10-20 години е експоненцијален, а е резултат на применетото исклучително високо ниво на мултидисциплинарност при археолошките истражувањa.
– Мултидисциплинарноста во археолошките истражувања генерално се манифестира преку имплементирање на методите, техниките, алатките користени во информатичките, природните, општествените и техничките науки. Тука, особено значаен чекор кон унапредувањето на археолошкото знаење е интегрирање на егзактни анализи, примарно применливи во природните науки. Во таа насока, значителен дел од технологијата и методологијата применлива во истражувањето на современата органска и неорганска природа е еднакво релевантен и применлив и за проучување на луѓето, животните, растенијата во минатото, но и за проучување на околината во која тие некогаш егзистирале – вели Христијан Талевски, научен соработник во Институтот за старословенска култура од Прилеп.
Според Талевски, археометријата е значајна при археолошките истражувања и заради акредитацијата и формалното признавање на Лабораторијата за археометрија е исклучително значаен чекор напред за македонската археологија, особено поради фактот што бројот на лаборатории за ваков карактер во регионални рамки не е голем.
Акредитацијата на Лабораторијата за археометрија е поддржана од Министерството за образование и наука, во рамките на програмата за финансирање научноистражувачки проекти од посебен и јавен интерес за 2021 година. Основната цел е продолжување на процесот на создавање релевантно знаење преку археолошките истражувања, знаење што по издржаност е компетитивно и конзистентно со знаењето во Западна, Централна и Источна Европа, па и пошироко, знаење што е продуцирано од академски и истражувачки средини со долгогодишна научноистражувачка традиција и култура.

– Интерпретацијата на резултатите од археолошките истражувања е најризичната фаза во рамките на едно археолошко истражување, особено поради фактот што интерпретацијата, без исклучок, во дел секогаш е производ на субјективни согледувања на самите истражувачи. Овој субјективизам потенцијално присутен во фазата на заклучување, која логично произлегува од анализата на достапните аргументи манифестирани како материјалните остатоци од минатото, бил цел на сериозна и издржана критика, честопати адресирана од самите археолози. Тоа секако е позитивно, зашто без аргументирана критика и дискусија помеѓу самите археолози, тешко може да се очекува развој или еволуција во права насока или насоки. Токму примената на археометријата во значителен дел го стеснува просторот достапен за субјективна интерпретација на материјалните остатоци од човечкото минато. Имено, преку примена на егзактни методи специфични и применувани во научните истражувања во другите науки, се добиваат аргументи за соодветна интерпретација на материјалните остатоци. Секако дека секогаш постои можноста за ангажирано интерпретирање на тие аргументи, но критичкиот апарат во рамките на научноистражувачката работа располага со апсолутен потенцијал за елиминирање на таквите активности – вели Талевски, посочувајќи дека во рамките на Лабораторијата ќе развие повеќестрана дејност и надвор од научноистражувачките активности во археологијата.
Еден од основните принципи врз чија основа ќе се темели работата на Лабораторијата за археометрија е отвореноста кон сите и за сите, а во таа насока приоритет е создавање интернетски ориентиран компјутерски систем за евидентирање на резултатите од археолошките истражувања. Преку неговата имплементација, целта е поголем број истражувачи од земјава и од странство да имаат пристап до релевантни податоци од нашите истражувања преку строго дефинирани процедури и протоколи.


Ќе се истражуваат средновековните населби во Пелагонија, Мариово и Порече

Институтот за старословенска култура во следните три години ќе работи на истражување на средновековните населби во Пелагонија, Мариово и Порече. Со проектот ќе се овозможи да се согледа во основни црти културно-цивилизацискиот развиток на централните делови од Балканскиот Полуостров, како и да се направи обид за објективно научно засновано согледување на овие процеси во контекст на поширокиот медитерански басен. Проектот ќе биде во функција на заокружување на сознанијата за развитокот на средновековната култура во споменатите региони, со што би се направил сериозен исчекор во проширувањето на научните знаење, базирани врз максимално објективизиран научноистражувачки приод.
Со реализацијата на проектот, ќе биде евидентен придонесот во продлабочувањето на научните сознанија со вградувањето на принципиелно новите сознанија во проучувањето на средновековните населби, особено со третирањето на манастирите како особен вид населби што се карактеризираат како носители на духовниот и културниот прогрес за одредени територии, но и како оски на одредени социоекономски и политички процеси. Проширувањето на научните сознанија, освен вградувањето на изворните податоци до кои е дојдено во последната деценија, е забележливо и во вклучувањето на преостанатите делови на Пелагонија во проучувањето на средновековните населби – вели Бранислав Ристески, директор на Институтот.