На платото пред ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп вечерва од 19 часот ќе се одржи концерт на шпанска музика на кој ќе настапат Александра Коцевска – мецосопран и Глигор Гелебешев – пијано придружба. На програмата се дела од Гранадос, Гарсија, Обрадорс, Сарасате и Росини.
Александра Коцевска музичкото образование почнува да го изучува во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј” – Скопје, во класата по соло пеење на проф. Билјана Јовановска-Јакимовска, а дипломира на ФМУ-Скопје во класата на проф. Благојче Николовски. За време на своите студии учествува на бројни натпревари по соло пеење во Македонија и странство, каде е наградувана со високи награди. Како наставник по соло пеење бележи големи успеси со своите ученици на бројни натпревари и кои се школуваат во Австрија, Бугарија, Франција. Често настапува во камерни состави по различни поводи.
Глигор Гелебешев, својата музичка наобразба ја почнува во родната Гевгелија. Средно музичко училиште завршува во ДМБУЦ – Илија Николовски – Луј во Скопје. Студира на акдемијата на уметности во Нови Сад, а магистрира на факултетот за музичка уметност во Скопје. Заради својата успешна педагошка кариера, тој е член на жири на повеќе натпревари од домашен и меѓународен карактер. Како пијанист – солист и камерен музичар, Глигор Гелебешев има настапувано како во Македонија така и во странство –
Франција, Холандија, Србија, Словенија, САД, Турција, Романија, Италија, Бугарија…
Организатор е на ЕПТА – конгрес (Еуропа Пианистиц Теачерс Ассоциатион). Во 2018 година е поканет да држи мастер класи во Загреб на музичката академија, како и во Сараево. Ка.М.