Италијанскиот пијанист и композитор Маурицио Мастрини ќе настапи вечерва, со почеток во 20 часот, во „Даутпашиниот амам“, во рамките на фестивалот „Модоарс 2019“. Мастрини се смета за еден од најпознатите и најавангардни пијанисти во Италија, го нарекуваат и диво срце поради неговиот малку осамен и изолиран начин на живот во лозјата на Умбриа, но и поради неговото свирење.
Вечерва ќе бидат изведени авторски композиции на Маурицио Мастрини, а тоа е и последниот од низата концерти што „Модоарс“ ги организира годинава.
Мастрини на 14 години компонирал миса на латински, опера и неколку други композиции со кои се докажувал и како композитор. Снимал цедеа за најпознатите италијански издавачки куќи „Прогети Сонори“ и „Азура“, а досега одржал голем број концерти во повеќе земји. Снимил и неколку музички видеа за телевизиите: Би-би-си, Раи уно, Свис Радио и ТВ, Медиасет, автор е и на неколку дидактички книги за пијано, како и на Збирка со композиции за пијано за 4 раце. Покрај активната кариера како пијанист, Мастрини е раководител и на неколку музички фестивали во Италија, Франција, Шкотска и во Исланд.