Вечерва и утре во Филхармонија ќе се изведат два концерта, и тоа концерт на фантастичното гитарско трио „Елогио“, додека, пак, вториот е детскиот концерт „Ну погоди“. Вечерва, во 20 часот, во Камерната сала на Филхармонија ќе настапи гитарското „Трио Елогио“ – Петрит Чеку (Косово), Педро Рибеиро Родригез (Португалија) и Томислав Вукшиќ (Хрватска).
На програмата се дела од Моцарт, Руждјак, Рахмањинов, Шуберт. Триото реализира голем број концерти, особено на европските фестивали. Посебен придонес даваат за зачувување на хрватското звучно творештво, а неодамна го снимија и своето ново цеде со дела од Моцарт, Руждјак и Дворжак.
Утре, со почеток во 12 часот, ќе се изведе симфонискиот концерт за деца „Ну погоди“, чија премиерна изведба беше во јуни годинава, во Градскиот парк на Скопје.
На овој концерт, најмладите ќе имаат можност да ја слушнат музиката од популарните култни цртани филмови – „Ну погоди“, „Балтазар“, „Козле Бозле“, „Мечето Ушко“, „Пинк Пантер“.
Музичката изведба ќе биде збогатена со видеопроекција на цртаните, а аниматор е Мартин Јордановски. Со оркестарот ќе диригира Џијан Емин, а аранжманите се на Владимир Николов.