Авторка: Памела Хачинсон

(Гардијан)

Според Норма Дезмонд одамна поминаа времињата кога на филмовите не им беше потребен дијалог затоа што постоеја лица, а токму тие лица нам сега не ни се познати. Според едно ново истражување, првата филмска ѕвезда во светот е француски комичар на фарси, кој рано починал во ужасни услови, а потоа бил заборавен. Макс Линдер бил енергичен и згоден актер од ерата на немиот филм, кој не само што глумел, туку и режирал, продуцирал и пишувал сценарија за филмови.

Ендру Шеил, професор по филм на универзитетот Њукасл, ја откри веројатно рекламата на првата филмска ѕвезда во светот, поточно постерот за филмот на браќата Пате, во кој глумел Линдер во улогата на „Малиот млад човек“, кој првпат бил прикажан во Европа во септември 1909 година.

Иако Линдер на филмската сцена бил познат само под името на неговиот лик Макс од филмот „Дебито на лизгачот“, на тој постер било напишано неговото целосно име што се смета за најстар европски доказ за публицитет на еден филмски актер. Постерот бил пронајден во личната колекција на Мод, ќерката на Линдер, но на Шеил му била потребна една година да го открие точниот датум на премиерата на филмот. Откако овој постер бил објавен, со името и сликата на Линдер се рекламирале сите неговите филмови во јавноста. Шеил вели дека „според ова, тој е првата светска филмска ѕвезда“.

Одлуката на браќата Пате, кои воедно биле продуценти, целосно го променила начинот на рекламирање на филмовите, а поради ваквиот нивен потег, денес сè уште сме сведоци на постери и билборди со најава за филмови низ целиот свет.

Претходно се сметало дека „првата светска филмска ѕвезда“ била американската актерка Флоренс Лоренс.

Линдер бил роден како Габриел-Максимилијан Левил во 1883 година во Жиронд, Франција. Иако неговите родители очекувале од него да го наследи семејниот вински бизнис, сепак него повеќе го привлекувала сцената. Почнал да работи како актер во 1901 година пред да го присвои сценското име Макс Линдер во 1905 година токму кога првпат се појавил на филмското платно.

Дури и самиот продуцент Шарл Пате видел дека Линдер е роден за сцената. Шеил вели дека токму продуцентската фирма на браќата Пате го претворила Линдер во првата светска филмска ѕвезда. Откако тој станал ѕвезда во Европа, се преселил во Холивуд каде што снимил многу филмови.

Линдер извршил големо влијание врз Чарли Чаплин, кој несомнено е најголемата филмска ѕвезда на сите времиња, кој самиот го имаше своето актерско деби во 1914 година. Двајцата актери никогаш не играа заедно на филм, но често се дружеле и разговарале за идеи за вицеви. Кога Линдер починал, Чаплин во негова чест тој ден го затворил своето студио.

Многу од современиците на Линдер во европските неми филмови сè уште се мистерија, затоа што генерално биле познати според имињата на ликовите што ги глумеле, а ова особено важело за жените. Актерките што глумеле во комедии на фарса, како Леонтина и Кинегонда, биле познати само по нивните псевдоними, а филмските историчари сè уште се трудат да ги откријат нивните вистински идентитети.

Превод: Билјана Здравковска