Некои куратори минале месеци, дури и години, во истражувања и подготвувале изложби што никогаш нема да се материјализираат. Но музеите полека се отвораат, особено во Европа и во Азија. Од средината на март, изложбите во Кина, Германија, Јужна Кореја и во Швајцарија започнаа да ги пречекуваат посетителите
Од 1977 година Меѓународниот ден на музеите се одржува на 18 мај, ден кога тие се слават како вредни простори за културна размена. Сепак, годинашните празнувања беа малку поинакви, бидејќи коронавирусот продолжува да затвора многу од овие институции низ светот. Музеите, големи и мали, претрпеа финансиски загуби како резултат на затворањето во последните месеци.
Музејот „Метрополитен“ во Њујорк предвидува загуби од речиси 100 милиони американски долари, откако се затвори на 13 март, а според Американската алијанса на музеите, низ САД музеите губат најмалку 33 милиони долари на ден. Ова резултира со масовни отпуштања и, во случај на помали галерии како „Современа Индијанаполис“, дури и трајно затворање.
Некои куратори минале месеци, дури и години, во истражувања и подготвувале изложби што никогаш нема да се материјализираат. Но музеите полека се отвораат, особено во Европа и во Азија. Од средината на март, изложбите во Кина, Германија, Јужна Кореја и Швајцарија започнаа да ги пречекуваат посетителите, од кои многумина мора да се придржуваат кон новите правила за проверка на температурите и за физичко дистанцирање.
Ова се некои од музеите што се отворија или најавија отворање наскоро:
– Музејот „Вест бунд“ во Шангај, Кина
Музејот „Вест бунд“, дизајниран од архитектот Дејвид Чиперфилд, повторно беше отворен за јавноста уште во март. Изложбата „Обликот на времето“, дел од долгорочното партнерство со францускиот центар „Помпиду“, сè уште е отворена.
– Електроцентралата за уметност во Шангај, Кина
Домот на Биеналето во Шангај од 2012 година, Електричната централа, е првиот државен музеј на современата уметност во Кина и беше една од првите културни институции што повторно се отворија во Шангај на 13 март, по седум недели.
– Музејот за модерна и современа уметност во Сеул, Јужна Кореја
Музејот за модерна и современа уметност во Сеул е отворен на крајот на март и оттогаш воведе нова колекција на корејска уметност, која датира од почетокот на 20 век. Колекцијата е поделена на четири дела, секоја опфаќа одреден временски период, вклучувајќи ја јапонската окупација.
– Музејот на уметноста во Хонгконг (САР), Кина
На посетителите на музеите во Хонгконг ќе им биде доделен двочасовен простор за да се намали метежот. Тринаесетте јавни институции што се отворени досега ги вклучуваат Градскиот музеј наследство, Музејот на историјата и Музејот на уметноста во Хонгконг.
– „Општество Азија“ во Хонгконг, Кина
За одбележување на својата 30-годишнина, непрофитната организација „Општество Азија“ во моментов е домаќин на изложба од 10 современи уметнички дела од Хонгконг.
– Центарот за современата уметност во Пекинг, Кина
Центарот за современата уметност во Пекинг беше предвидено да се отвори вчера, со изложбата „Медитации во итен случај“, во која се собрани повеќе од 20 меѓународни уметнички дела за истражување на темите криза и вонредна состојба. Отворањето на изложбата се совпаѓа со годишниот Галериски викенд во Пекинг.
– Музејот на модерната уметност „Берлинче галериерија“ во Берлин, Германија
Според упатствата утврдени од германската влада, од сите посетители на музеите ќе биде побарано да носат маски. Музејските власти во Берлин, исто така, резервираат простор за „групи со висок ризик“. Музејот на модерната уметност во Берлин ги отвори своите врати на 4 мај, а во моментов ротира привремени изложби.
– Националната галерија за модерна и современа уметност во Рим, Италија
Италијанската национална галерија за модерна и современа уметност повторно се отвори на Денот на националниот музеј, комплетирана со новата изложба „Во близина“. Изложбите што беа отворени за време на карантинот во земјата на почетокот од март, исто така, ќе бидат отворени за посетителите, вклучувајќи и изложби на дела на италијански уметници, како Грегорио Бота, Марија Елизабета Новело и Атилио Касинели.
– Институтот „Џиакомети“ во Париз, Франција
Институтот „Џиакомети“ е една од најпознатите установи што повторно се отворија во Париз досега, заедно со голем број помали музеи, кои исто така почнаа со работа. Ќе биде дозволено максимум 10 лица на секои 10 минути, но тоалетите ќе останат надвор од употреба. Институтот моментално ја прикажува изложбата „Во потрага по изгубените дела“ на Алберто Џиакомети.
– Фондацијата „Бејлер“ во Базел, Швајцарија
Лоцирана непосредно пред Базел, фондацијата „Бејлер“ беше отворена на 11 мај, откако најави дополнителни наставки на две од своите привремени изложби, „Едвард Хопер“ и „Тивка визија – слики од смиреност и тишина“.
– Музејот на старите мајстори во Брисел, Белгија
Музејот на старите мајстори, во кој има фламански дела од 15 до 18 век, ќе биде првиот од кралските музеи на ликовната уметност во Белгија што ќе се отвори за јавноста, а другите се очекува да бидат отворени во текот на наредните недели. Бројот на посетители на час ќе биде ограничен, при што од луѓето се очекува да ги следат мерките за оддалеченост.
– Музејот „Брандхорст“ во Минхен, Германија
Музејот„Брандхорст“ во Минхен, во кој се сместени некои од најзначајните дела на американските уметници Сај Томбли и Енди Ворхол во Европа, ги отвори своите врати на 19 мај. Музејот во моментот ја слави својата десетгодишнина со специјална изложба на современи дела од 1960-тите.