Ерико Кобајаши, авторка на манга-стрипови, верува дека пандемијата им даде на луѓето лекција како да се грижат за сопственото ментално здравје
Светски ден за превенција од самоубиствата
Во 2018 година Ерико Кобајаши само што завршила со предавање кога од публиката ѝ пришла жена во рани дваесетти години.
– Била хоспитализирана по обид да се убие. Ми подари прстен со мотивациска порака и се прегрнавме – изјавила Ерико Кобајаши за Би-би-си, авторка на „Дневникот на моите дневни неуспеси “,јапонски манга-стрип, кој се занимава со нејзиното искуство по повеќе обиди на самоубиство.
Како што вели, се надева дека на читателите на манга ќе им покаже дека и другите ги делат нивните најмрачни чувства и дека успеале да се справат со нив. Би-би-си пред Светскиот ден за превенција од самоубиствата, 10 септември, разговараше со авторката за нејзиното дело и како би можело тоа да им помогне на другите. Борбата со менталното здравје и финансиските тешкотии ја навеле Кобајаши по 21-та година повеќепати да се обиде да си го одземе животот. Кобајаши верува дека нејзините проблеми започнале во детството, вели дека во текот на растењето трпела насилство и малтретирање. Во мангата, која првпат е објавена во 2017 година, таа зборува за своите „демони“, вклучувајќи и детали за одењата во болница и времето што го поминала затворена во установи.
– Сѐ дојде до точка кога веќе не можев да спијам и постојано имав ноќни мори. Родителите ме однесоа кај неколку лекари, но се чинеше дека ништо не помага – се потсетува таа.
Кобајаши била жртва на сурово малтретирање во училиште.
– Мојот татко не носеше многу пари дома, така што едвај можев да си дозволам облека за на училиште. Зиме бев принудена одново и одново да ја носам истата облека, а поради тоа станав лесна цел за другите деца – вели таа.
Студиите ги завршила на средината на 1990-тите, во време кога немало многу можности за младите во Јапонија, тој период се нарекува ледена доба за вработување. Кога конечно во една токиска издавачка куќа добила работа, по многу месеци живот од социјална помош, влегла во рутината на долгите смени и многу ниска плата. Финансиите ѝ биле скромни, дури имала и обичај да краде храна од супермаркетот за да врзе крај со крај. Тогаш Кобајаши првпат се обидела да си го одземе животот. За среќа, ја пронашол пријател онесвестена во станот и навреме ја одвел во болница. Се разбудила дури три дена подоцна.
Самоубиството е главен проблем и Светската здравствена организација проценува дека секоја година животот си го одземаат околу 800.000 луѓе. Јапонија има една од најголемите стапки на самоубиства меѓу развиените земји. Иако вкупниот годишен број на починати во земјата е во опаѓање, бројот на починати млади луѓе е во пораст. Владините податоци покажуваат дека во Јапонија самоубиството во овој период е водечка причина за смрт на деца на возраст меѓу 10 и 14 години. Самоубиствата на помладите од 20 години во 2019 година достигнаа највисоко ниво откако јапонските власти во текот на седумдесеттите години на минатиот век почнаа да водат евиденција за тоа. Сето тоа ја инспирирало Кобајаши своите маки да ги објави во форма на манга.
– Моите искуства се многу лични, но сметам дека е важно луѓето да знаат за нив. Луѓето во Јапонија и низ светот минуваат низ таа состојба на умот кога е тешко да се живее и мислам дека моето пишување може да им покаже дека не се осамени во тоа чувство – вели таа.
Кобајаши е пример колку се сложени проблемите со менталното здравје и самоубиството. Претходниот обид убедливо е најважниот фактор на ризик за самоубиство меѓу општата популација, наведуваат од Светската здравствена организација. Кобајаши и понатаму се бори со самоубиствени мисли, а тие може да бидат поразителни.
– Кога се чувствувам осамено или кога на работа не оди сѐ како што треба, и понатаму се чувствувам како да сакам да умрам – вели таа.
Кобајаши и понатаму добива психијатриска помош, а разработила и рутина за да излезе накрај со таквите мисли.
– Кога ќе се јават тие, се обидувам да се наспијам, да јадам благо и да вдишувам убави мириси за да се чувствувам подобро. Исто така, се трудам да не останам премногу долго сама – додава.
Поради тоа средбите со обожавателите ѝ значат многу.
– Го искусив самоубиството и добро ги познавам болката и очајот. Кога ќе ми пријдат луѓе што исто така се обиделе да се убијат и сакаат да разговараат, чувствувам дека тоа што сум го преживеала не било залудно – раскажува Кобајаши.
Тие заеднички искуства, смета таа, би можеле да бидат уште еден корисен начин да им се помогне на луѓето што размислуваат за самоубиство, наместо да се користат само традиционални интервенции, како што се психотерапија и лекови.
– Јапонија има голем број кревети на психијатрија и масовно пропишува лекови – истакнува Кобајаши.
Но личноста што се обидува да си го одземе животот чувствува дека не може да им раскаже на другите за што размислува, бидејќи мисли дека никој нема да ја разбере. Постојат голем број вкрстени проблеми, како што се семејните односи, финансиската ситуација, изолацијата. Тие работи не е лесно да се решат. Смета дека игнорирањето на намерите на суицидната личност не е решение, туку е важно да се уважи што чувствува таа и да ѝ се помогне во чекорите.
– Открив дека многу ми е важно да излезам малку, да се видам со колегите и да поразговарам со пријателите. Вашата желба за смртта се намалува штом ќе почнете да зборувате и да се смеете со некого – објаснува таа.
Сепак, нејзиното дело беше и извор на нов судир. Уште пред мангата пишуваше книги за проблемите низ кои поминува, а одлуката да се излезе со тоа во јавноста не помина добро кај татко ѝ.
– Мојот татко беше против тоа да зборувам во јавност. Не се согласуваме добро и не сум го видела повеќе од десет години – објаснува таа.
Тоа значи дека никогаш не ѝ кажал што мисли за „Дневникот на моите дневни неуспеси“. Помалку, вели, ја интересирало што ќе мисли тој за неговата содржина, а повеќе за изборот на форматот. Кога била млада, сон ѝ било да оди во ликовно училиште, но татко ѝ бил против.
– Тој рече дека тоа би било губење време и дека не би имала никаква корист од тоа. Мојата мајка, од друга страна, секогаш е многу среќна кога ќе се појавам во јавноста или кога ќе прочита нешто што сум напишала – вели Кобајаши.
Стрипот е преведен на многу јазици, вклучувајќи го и англискиот.