ДИЈАНА ТОМИЌ РАДЕВСКА, ПРЕТСЕДАТЕЛКА НА УМЕТНИЧКИОТ СОВЕТ НА ДЛУМ

Кога ќе направите една ретроспектива низ годините, кои најзначајни имиња, настани, дела одиграа најсилна улога врз уметноста во овие 75 години?

– Секако се значајни имињата на основачите што се организирале со една единствена идеја, здружување на еснафот, заштита на правата на уметниците и нивната афирмација. Освен групни претставување во Македонија, забележително било и претставувањето и во другите градови на Југославија. Скоро, истражувајќи низ документарни текстови, прочитав убав афирмативен текст од Миќа Поповиќ, српски сликар и ликовен критичар, за свежината што нашите македонски уметници ја донеле на групна изложба во Белград во 1956 година. Веќе со првата изложба во Уметничката галерија во 1951 година, директорот на галеријата, Никола Мартиноски, и членови на ДЛУМ поставиле потреба и правило да се откупуваат уметнички дела што ќе бидат основа на уметничкото наследство понатаму. Тоа беше практика и години потоа, но не за долго. Почетоците се за големо славење. Ах, најсилна улога во уметноста за 75 години!? Никогаш ДЛУМ не наметнувал движење, стилски влијанија, но се негувала различноста на поединци, секој со свои дострели, индивидуалност, а можност за претставување. Сепак уметникот создава сам, но неговите дела се живи кога ќе ги презентира, така, ова друштво е тука да ги создава условите и критериумите. Ако се обидеме да изделиме еден период или епоха, таа речиси никогаш не може да се претстави со еден правец што доминира.
Кои се почетоците на ДЛУМ?
– Тоа се Димитар А. Пандилов, Лазар Личеноски, Никола Мартиновски, Вангел Коџоман и Василие Поповиќ-Цицо. За прв претседател на друштвото бил избран Никола Мартиновски. Се промениле досега, низ овој долг низ години, повеќе од 30 претседатели, тоа се уметници, колеги и афирмирани уметници што се надевале да придонесат со својот авторитет. Основоположниците, со нивниот авторитет, успеале да ја наметнат потребата за сопствен простор и изложбен салон што се наоѓал на левиот брег на Вардар. По земјотресот, објектот бил оштетен, но можел да се спаси, тој салон е одземен, срушен и ДЛУМ се сели на нова локација. За жал, немаме фотографии од овој период. Можеби се уништени со земјотресот. Изложбени салони и простор, ДЛУМ менува неколкупати од тогаш и сѐ уште е потстанар, сега во домот на АРМ.
Сегашната заложба е да се избориме за сопствен простор, по толку многу селидби и нерешено прашање.
Што сметате дека е најголемиот досегашен успех на друштвото?
– Во текот на овие 75 години, ДЛУМ реализирал над 1.400 претставувања пред македонската ликовна публика, меѓу кои и претставувања во странство, преку 400 претставувања на друштвото и македонски автори на меѓународната сцена. ДЛУМ е особено горд на претставувањето во Париз, во Франција, првпат во 1998 г., а потоа во 2008 г., со групна изложба од 107 ликовни творци од Македонија, како и изложбите во Софија, најпрвин графичката со четириесетина автори, а потоа и групна изложба со седумдесетина автори. Тука е и Интернационалното графичко биенале, на кое успеваме да поканиме и поттикнеме уметници од странство да нѐ препознаат како сериозно случување. И минатата година кога живеевме во условите на пандемиските ограничувања, биеналето го одржавме онлајн со многу учесници од странство.
На изложбата беше претставен богат творечки опус од 292 автори…
– На почетокот на годината беше објавен повик до членството за учество на јубилејната изложба. Се пријавија 132 уметника. Бевме разочарани што некои активни членови не ја почувствуваа оваа изложба како многу важна. Историјата не смееме да ја заборавиме и да не оддадеме почит кон оние што ги поставија темелите. Ургиравме, ги повикуваме членовите, го продолживме рокот. Горди сме да кажеме дека овој јубилеј успеавме да го одбележиме (по долги години) со групна изложба, за која требаше исклучителен напор, голем ентузијазам и ангажман. Бевме во потрагата по уметници, основоположници, доајени, средна и помлада генерација уметници. Сите дела што беа достапни и што се во добра состојба, а не беше ризичен нивниот транспорт, успеавме да ги добиеме. Некои се наоѓаат во репрезентативни простори на државава, па така не можеа да се постават на изложбата. Оттаму позајмивме 160 дела за оваа изложба. Се обидовме да создадеме слика на друштвото за почит.
Какви промени инициравте низ годините?
– ДЛУМ поминува долги години во напор да го собере членството, се труди да го подигне критериумот на изложбите, да го врати заедништвото во остварување на заедничките интереси. Без сопствен галериски простор, без поголема материјална поддршка, голем ентузијазам на членовите на претседателството на ДЛУМ, искрени волонтери, сепак се забележуваат успеси во активностите што даваат шанси за изложување на сите колеги уметници. Сепак, за подигнување на критериумот, треба да бидеме самокритични за професионалноста во изборот, квалитетот на изложеното, селективност за која постојано зборуваме. Но во времето што доаѓа, продолжуваме да се бориме за уште многу неразрешени прашања, наша битна задача е и обезбедување галериски простор, простори за работа – ателјеа, постојат многу напуштени, неискористени простори, а уметниците се борат за својот статус и опстанок.
Како ја оценувате современата уметничка сцена денес?
– Работата – уметник е напорна, со голема одговорност и вложувања, а сепак, голема сила што може да поттикне прогресивни мислења. Од основната база на едукацијата зависи и авторитетот на културата и уметноста во една сериозна држава. Прогресот од тука би требало да започне. Плодна почва за создавање секако постои, тоа ние самите, уметниците, го бараме и истражуваме. Имаме богата културна историја. Се учиме на отвореноста во демократскиот пристап во слободата на изразот, а притоа не смееме да се самоцензурираме, така би ја покажале сериозноста. Недостига соодветен критички запис на денешницата, осврти на сработеното, кое потоа во иднина ќе биде материјал за истражување и преку историска дистанца заклучок на едно време.