Во пресрет на одбележувањето на Меѓународниот ден на жената, во музејот „Теракота“ во Виница е отворена првата самостојна изложба на филигрански дела „Благослов“, изработени од виничанката Билјана Анакиева.
Изложени се четириесетина изработки од сребрена срма и бакарна жица, што авторката ги создала во изминатата година, а за што инспирацијата ја нашла во неисцрпното македонско културно и духовно богатство.
– Уметноста за која е потребно големо трпение, упорност и љубов, ме интересираше отсекогаш и копнеев за убава изработка. По иницијатива и со поддршка од сопругот, кај мене се разбуди скриениот творечки код, почнав сама да истражувам и да создавам креации, кои досега прераснаа во збирка од осумдесетина филигрански изработки. Идеите за темите на кои творам потекнуваат од македонската традиција, која е мелем за душата и вистински благослов, затоа што филигранот не може да се работи ако не ги обземе и срцето и душата – истакна Анакиева.
Од музејот „Теракота“ рекоа организирањето на изложбата е со цел да се потенцира убавината на филигранството, како една од најубавите уметнички креации од метал. Со слични активности ќе се продолжи и во наредниот период за да се промовираат скриените и малку познати творечки потенцијали на виничани.
Изложбата „Благослов“ ќе биде отворена десетина дена, а посетителите можат да изберат уметнички филигран како осмомартовски подарок или за својата домашна колекција.