Дела од работилницата реализирана во рамките на изложбата „Селебрајт лајф / емоции за еден град“ на дизајнерот Горан Костовски-Индог е отворена во кафулето „Винил“ во скопско Дебар Маало. Тема на изложбата е загадениот воздух, проблем што беше мапиран по пат на истражување како дел од авторовата изложба што се одржа неодамна во галеријата „Акантус“. Илустрациите се дела на млади графички дизајнери и артисти од различни градови, а го коментираат загадувањето на воздухот во Скопје со ПМ10 честички, кое во изминатите десет години е од два до четири и пол пати повисоко од граничните вредности пропишани од ЕУ за квалитетот на воздухот.

Куратор на изложбата е Индог, а презентирани се дела на: Медина Хоџа, НаВи, Гога Стојковска, Дарко Лековски, Дијана Недева, Димитар (Чаки) Чакар, Јован Јосифовски, Кристијан Стевковски, Мартин Митровски, Матејин Бојан.

– Со изложбата во кафулето „Винил“ го затворивме тримесечниот проект „Емоции за еден град“, меѓутоа акцијата не застанува тука, бидејќи животната средина не е само мој периодичен проект туку тој постои низ целиот мој живот како инспирација и желба за луѓето да ги разберат бенефициите од неа. Колку и да сум скромен, меѓутоа од резултатите од работилницата сум презадоволен, бидејќи одлично е чувството да видите како млади луѓе од различни градови размислуваат за тема што е од суштинско значење за нашиот град. Би сакал да ја реализираме темата и низ повеќе градови, меѓутоа, здравје! Инаку, јас лично веќе почнав да работам и да размислувам на мојата нова пролетна серија на блузи. Не би можел да ја кажам конкретната тема, меѓутоа деновиве многу цртам цветови, дали поради радоста што доаѓа пролетта или, пак, нешто друго ме инспирира, ќе видиме на крајов на месецов – рече Горан Костовски-Индог.