„Визии од детството“ е тематската изложба на слики од Горан Боев што ќе биде отворена вечерва од 19.30 часот во ликовната галерија на ЦК„Марко Цепенков“- Прилеп.
Всушност со изложбата Центарот, запазувајќи ги сите протоколи и мерки за заштита од корона вирусот, ги продолжува активностите во согласност со програмата за работа во
2020 година.
Боев пред прилепчани ќе се претстави со над 20 слики на кои се појавуваат различни фигури – мачка, куче, прозорец, цвеќе, дете…
– Тоа е портрет на едно минато време, портрет на моето детство. Повеќе од една деценија се обидувам во сликарството да допрам до она што е суштинско, искрено, чисто, благопријатно и неосквернето. Таа моја потрага ме наведе да се навратам во детските денови и да пробам повторно да размислувам како дете. За жал, како созреваме, негативните искуства и примери на кои наидуваме, наместо да се поучиме од нив и ги отфрлиме како такви, ние ги прифаќаме со раширени раце и од нив правиме своевиден образец, упатство за понатаму. Со тоа предизвикуваме, како во секојдневниот живот, така и во уметноста, изместување на правилната перцепција за вистинските вредности, вистинската убавина на нештата. Но, тоа не е случај со детските очи, детскиот поглед на светот. Затоа во моето творештво посегнувам по мотиви од детството и се трудам да гледам како дете. Детето гледа многу појасно од возрасните, неговиот поглед не е заматен од секојдневни грижи и непреболена суета – објаснува Боев.
Боев завршил и магистрирал на ФЛУ во Скопје. Во Кавадарци работи како наставник по ликовно образование. Слика црковен живопис и иконографија. Досега реализирал бројни самостојни и групни изложби во земјата и во странство. Ка.М.