Деновиве излезе од печат една бележита објава, книгата „Поеми“ на истакнатиот македонски поет Глигор Стојковски. Поетската книга во себе вклучува три исклучителни творби на авторот, кој за своето продуктивно повеќедецениско творештво, стана носител на повеќе значајни поетски награди и признанија. Тоа се поемите: „Божјата честичка“, „Источен оган“ кон која е придружена и поемата „Ерусалим-богови и војни“ и „Завет. Јад“. Кон првата и третата поема, книгата ги вклучува и аналитичките осврти насловени „Блесокот на постоењето“ на Томислав Османли и „Горчлива епска беседа“ на Бранко Цветкоски. На тој начин, долгите и продлабочени пеења на Стојковски се комплетираат во книга која е во суштина пресек на зрелиот период од поетското творештво на истакнатиот македонски поет и тоа во доменот на најсложениот поетски жанр, поемата.

Тој опсег на теми и значенски слоеви заедно со пеењето, на еден класичен начин напоен со стилистиката на возвишениот исказ што инаку извира од естетиката на светските лирски, мисловни и симболистички поетики, и се соединува, слично на спектар прекршен низ призма, собран во зрак од душевноста на поетот. Поезијата на Стојковски е изведена со чистата лексика на македонскиот јазик, што како израз, но и како својство и вредност, што во своето творештво грижно ги негува и овој наш автор.
Глигор Стојковски (1952) е истакнат книжевник, уредник, издавач, критичар и преведувач. Автор е на поетските книги „Починка во чисти честички“, „Пајак“, „Очно дно“, „Студена минута“, „Зад билката молк“, „Око заборавено на небото“, „Порој“, „Капката оловна вода“, „Земјата сама ќе се отвори“, „Ерусалим“, „Источен оган“, „Божја честичка“.