Изборот на Андреевска беше дополнително поздравен од членовите и како „историски“ од аспект на родовата застапеност, бидејќи ова е првпат жена да биде избрана во управниот одбор на асоцијацијата. Наедно, Македонија е единствената земја застапена во управниот одбор што не е членка на ЕУ
На последното Генерално собрание на Европската алијанса на композитори и текстописци (ЕКСА), кое се одржа во Брисел, македонската композиторка Јана Андреевска е избрана за потпретседателка на комитетот за сериозна музика и за членка на управниот одбор на алијансата со мандат од три години.
Андреевска е делегатка на СОКОМ во Европскиот композиторски форум од 2008 година, а од 2013 до 2018 година во рамките на ЕКСА дејствува и како раководителка на Уметничкиот одбор на Оркестарот на европските современи композитори. Нејзиниот неодамнешен избор во највисоките тела на Европската алијанса на композитори е резултат на нејзиниот долгогодишен успешен ангажман и редовна активност, како и на угледот со кој СОКОМ се стекна како најистакната членка на ЕКСА од регионот.
Изборот на Андреевска беше дополнително поздравен од членовите и како „историски“ од аспект на родовата застапеност, бидејќи ова е првпат жена да биде избрана во управниот одбор на асоцијацијата. Наедно, Македонија е единствената земја застапена во управниот одбор што не е членка на ЕУ.
Членови на управниот одбор на ЕКСА се: Алфонс Карабуда – претседател (Шведска), Јорген Карлстром – потпретседател (Норвешка), Бернар Грималди – потпретседател (Франција) и членовите Естер Готшалк (Холандија), Јана Андреевска (Македонија), Луис Иварс (Шпанија), Ариен Молема (Холандија), Вали Бадару (Франција) и Џон Гроувс (Германија).
Европската алијанса на композитори и текстописци ги обединува композиторите во Европа од сите жанри (сериозна, популарна и филмска), ги брани и ги промовира правата на музичките автори на национално, европско и меѓународно ниво преку сите достапни правни средства, како и преку низа значајни културни проекти со кои се зголемува нејзината видливост.