Збогум за младиот музички уметник Илија Плевнеш

Илија Плевнеш (36), млад македонски музички уметник и тонски дизајнер, кој ненадејно почина на крајот на јануари во Париз, на 11 февруари во присуство на семејниот круг беше испратен во своето вечно живеалиште во Охрид.
Илија Плевнеш, кој од својата четиригодишна возраст живееше во Париз, од својата најрана младост учествуваше како актер во различни театарски проекти. Тој го обележи своето академско образование со диплома за тонски инженер на Институтот за супериорни звучни студии во рамките на париската ЕСРА. Подоцна специјализира во Њујорк, притоа работејќи во познатото студио „Куад рекордингс“, каде што се снимени многу албуми на легендарни имиња на современата музичка сцена. На филмски план оствари забележителна улога во македонско-францускиот игран филм „Тајната книга“, беше дел од уметничката екипа на ТВ-филмот „Саленгро“ на Ив Буасе и учествуваше во францускиот документарен филм за Есма Реџепова. Во кругот на основачите на Францускиот филмски фестивал во Охрид реализира портрети на познати француски синеасти, како што се Клод Лелуш, Шарл Азнавур, Клод Милер и др. Од основањето на Фестивалот на кинематографиите на Југоисточна Европа во Париз и во Берлин, беше еден од ангажираните афирматори на балканскиот филм во Европа.
На музички план, подолги години работеше заедно со својот брат Константин Плевнеш на различни уметнички проекти, а неговиот албум „Далеку од проблемите“ со рап-теми се очекува да се појави до крајот на годинава.