АНГЕЛА АПОСТОЛОВСКА, АКТЕРКА
Таа во моментов во Романија го режира својот прв филм, а во родната Битола со театарот „Дел арте“ игра во претставата „Без шеќер“
Aнгела Апостоловска дипломирала актерство на Националниот универзитет за драмски уметности и кинематографија во Букурешт, Романија, каде што сега е магистрантка. Прогласена е за најдобра актерка на ниво на апсолвенти на нејзиниот факултет, а добитничка е и на награди на Интернационалниот фестивал за театарска уметност во романскиот град Сибиу, како и на фестивалот Окава во Букурешт. Во моментов во Романија го режира својот прв филм, а во родната Битола со театарот „Дел арте“ игра во претставата „Без шеќер“.
Како осознавте дека актерството е професија со која сакате да се занимавате?
– Уште како мала уживав во игрите со доделување улоги – учителка, докторка…, а подоцна сфатив дека ако бидам актерка ќе можам постојано да бидам што ќе посакам. Театарот е тој што го чува детето во мене и ми овозможува да играм. Во Македонија бројот на студенти на Драмскиот факултет е мал, затоа решив да заминам некаде каде што самостојно ќе го градам професионалниот пат, без влијанија. Барав театарска школа што е приближна до руската, и така се случи Романија. Мојот факултет таму е еден од најдобрите во светот и цврсто се држи до принципите на Станиславски, што ми е особено важно.
Каков беше приемниот испит?
– Прво го учев романскиот јазик. Приемниот испит се состои од рецитирање десет песни од романски поети, два монолога, трагичен и комичен, танцување, пеење и раскажување за својот живот. Романските студенти имаат и еден испит од теорија на актерството, а јас бев ослободена од тој дел. Не беше лесно, но желбата и работата дадоа плод. Концептот на студирање е многу интензивен и со обемна програма. Додипломските студии траат три години. Во нив особено внимание се посветува на Шекспир, Чехов и романскиот комичар Караџале. Но три години се малку да се научи актерското мајсторство, затоа продолжувам со повисок степен на образование. Многу сум задоволна од сето знаење и сето искуство што ми го дава Романија.
По дипломирањето активно играте на сцена, а добитничка сте и на интернационални награди…
– Во претставата „Јом Кипур“, која ми донесе три награди, играме четири млади актерки. Претставата ја играме во ресторанот на факултетот, кој има своја малечка сцена. На почеток се коментираше дека тоа мора да е нешто со сомнителен квалитет штом се игра во ресторан, а не на театарска сцена. Но тој простор многу ни одговараше. Подоцна на нашите претстави почнаа да доаѓаат еминентни луѓе од фелата. Дојде и многу познат режисер, кој ја забележал мојата игра, па ме покани да играм во неговата претстава „Скржавец“ од Молиер. Играв во Националниот театар на Романија со тројцата најдобри романски актери.
Има ли можности во Македонија за една млада актерка, која нема матична куќа?
– Не сакам да бидам вработена во театар, да добивам плата, а да не играм. За актер што сака да игра, нема поголема казна да не е на сцената, без разлика на тоа колку пари добива. Во Македонија работам со битолскиот приватен театар „Дел арте“, почнавме со претстави за деца, кои ми се прва и најголема љубов. Во моментов скечевите од „Празни муабети“ редовно се прикажуваат на телевизија, а ја подготвивме и комичната претстава за возрасни „Без шеќер“ со која сме на турнеја низ цела Македонија.
Можете ли да направите паралела меѓу актерската сцена во Македонија и таа во Романија?
– Таму многу функционира независната сцена. Да се вработиш во државен театар е многу тешко. По завршувањето факултет, потребни се минимум уште пет години активно да се игра за да може да се наречеш актер. Веќе сум дел од еден независен, патувачки театар во Букурешт. На репертоарот се претежно дела од класиката. Да се игра во ваквите театри е голем предизвик затоа што ги немаш условите, туку треба сам со својата екипа да ги создадеш. Проби сме држеле и дома кај режисерите. Има многу пријателска атмосфера, се дружиме, но и заедно се снаоѓаме за костими, за сценографија.
Во моментов режирате документарен филм. За што станува збор?
– „Автопатот на успехот“ е документарец што зборува за студентите од Македонија, кои преку влашката комуна доаѓаат на студии во Романија. Во филмот, на автопатот има и кружен тек, а кружниот тек дава две можности, да продолжиш натаму или да се вратиш назад. Автопатот што води кон успехот, не е секогаш во странство.