Како влијаеше короната на славната уметничка двојка
Откако со децении славната уметничка двојка Гилберт и Џорџ ги поминуваше деновите шетајќи по улиците на Лондон, својата рутина тие мораа да ја приспособат на новите околности поради коронавирусот, што стоички и го направија. Како изгледа тоа, покажуваат во видеата што редовно ги објавуваат на Инстаграм. За уметничкиот двоец и ѕвезди на светската современа уметност, 76-годишниот Гилберт Проуч и 78-годишниот Џорџ Пасмореу, истражувањето на лондонските улици беше и начин на живот уште откако се запознале во 1967 г., како студенти. Редовно се шетаа и фотографираа, собирајќи необични предмети или едноставно посматрајќи ги луѓето наоколу.
Ситуацијата со коронавирусот, меѓутоа, во која поради своите години мора да се чуваат, значително им ја смени рутината, терајќи ги во изолација во нивниот дом во источен Лондон, каде што живеат од 1960-тите.
Тие на Инстаграмот на лондонската галерија „Бела коцка“ објавуваа видеоисечоци, свој дневник од карантин, во кој го разоткриваат своето ново нормално – како сега им изгледаат прошетките и како се опуштаат.
Новата нормална прошетка, сега изгледа така што Гилберт и Џорџ, носејќи како и секогаш костуми, одлучно чекорат околу низата столови во своето студио, на кои се поставени разни лични предмети, билки, керамика, фотографии на роднини или пријатели.
Тука е и видеото во кое вежбаат или, пак, читаат во фотелји за лулање.
– Со мотото „уметност за секој“, Гилберт и Џорџ создаваат дела што го предизвикуваат елитизмот на уметноста и се занимаваат со социјални прашања, табуа и конвенции. Често и самите се појавуваат во своите дела, нарекувајќи се живи скулптури. Инспирирани од заднината на лондонски Ист Енд во кој живеат и работат веќе 50 години, тие низ својата работа нудат портрет на градот во настанување, но и рефлексијата на човечката состојба – се наведува на Инстаграмот на галеријата „Бела коцка“.
Нивни омилени теми се смрт, религија, живот, секс, надеж и пари.