Кон поетската книга „Од оваа страна“ од Весна Ацевска, издание на „Дијалог“, Скопје, 2020 г.
Рецензија
Во богатиот и доблесен книжевен летопис на Весна Ацевска, една од најсуптилните поетеси во современата македонска поезија, слетува уште еден наслов со прелестни и естетски мудро замесени песни, кои со својата тематика, среде премрежната планетарна живејачка при крајот на оваа сматна година од календарот на човештвото, застанува токму на нашата земна, овдешна страна од опстојот, со простиот и строг намек на неуништливата верба кон овдешниот, овој, сегашниот, дејствениот простор за обитување, токму – „Од оваа страна“. Всушност во одбрана на овој и овдешен миговен восклик на животот, кој по секоја прочитана буква (и од овој текст) станува минато се закотвува поезијата на Весна Ацевска, се крева гранитната мрежа од будни и провокативни плетки на нејзиниот поетски јазик и преминувајќи во естетски поетски логос ја штити нашата верна и ведра претстава за смислата на животот, колку и да е краток, миговен и беспомошен пред невидливата стрела на времето, кое необјатно се залетало и никако да ја стигне и согледа својата смисла на постоењето.
Поцврста од „конец на пајак“ и потенка од „сончев зрак“, поетската струна на Весна Ацевска во оваа книга ја озвучува магијата на поетската димензија на нашиот сетилен и ментален свет токму со влезот преку песната „Врата“, како двополен симбол низ кој влегува светлината на безмерното вонство во нас и како дарбена порака за смислата на човечката љубов, неспоредлива со ништо во вселената – излегува испратена од нас низ истата врата како вратена светлина на мудроста што експлодира од нашата душа и се упатува кон студената празнина на недопрените светови на бескрајот.
И продолжува магијата на пресуптилната поетска чувствителност на Ацевска во продолжението на книгата низ педесетината песни од циклусите „Струни и хорна“, „Сурова година“, „Песни грлици“, „Знаци и графи“ и „Бидност и будност“ и се дополнува со мерката за разум и мудрост, и се доисцртува како извишен естетски срт во слика на велик сликар, со леснина или божем со творечка безгрижност, со потези едноставни, но никако самодоволни – напротив, преобилни со зрачење на текстот и надвор од песната, во ехото, во одгласот.
Така ја гради и распластува својата нова поетска плетка во оваа чудесна книга Весна Ацевска – јазично и изразно беспрекорно, поетички и духовно – речиси нестварно. Така е кога пее загледана и мислом залидана кон недосегливата вселена (особено со песните „Дослух“ и „Рамноденица“), така кога во разделот песни што пее за дихотомната располутеност на човековата телесност и душевност („Во поле со рози“ и „Нишан“), така е кога ги доловува примордијалните слики на традицијата со несполуките и несигурноста на сегашноста во очекувањата пред иднината („Евокација“, „Сурова година“, „Тешкото“) или кога пушта лирски сонди во сочната меморија на детството (во песните „На крилја“ и „Лет“), но и во песните со автопоетски предзнак („Синхронија“, „Слеп колосек“, „Празен лист“).
Во сите агенси што се пластат во новата поетска објава „Од оваа страна“, Ацевска гордо, сигурно и мудро, како празналец на светот и човекот што минува низ гората од зборови и коски, низ поколенија и ери за да ни ја соопшти единствената човекова мудрост дека патот земен на човекот е само една чедна и трпкава врвица до бесловесната смрт. Еднаш, порано, искажувајќи се за поезијата на Матеја Матевски, подолго есеистички се задржав на една опозиција меѓу лирското и епското и заправо открив внатрешна соработка на двата приода/погледа/система во растајнувањето на светот. Открив дека меката медитеранска жилка на Матевски заправо е побудена и споделена со една епска понесеност или зачуденост над човековиот живот. Сега, на мое пријатно задоволство, откривам еден сличен порив на возвишување на лирското преку епската драма на светот и неговата смисла на постоењето, истрајувањето и нераскинливоста со виталистичкиот занес на поетското осмислување на животот, токму преку книгата „Од оваа страна“ од Весна Ацевска. Преку него дослушнав судбински ритам од првиот чекор на човековото битие до сегашниот миг на тревожниот истек на времето, пред моите, пред вашите очи, во моите и во вашите мисли што минуваат и префрлаат преку разумната сознајност, преку и над нашата моќ за расудување.
Заправо, во оваа зачудна книга, поетесата преку песните од, главно, краток лирски формат, но со фуриозен ритам, ја остварува својата намера токму со својата поезија да ја хармонизира лирската и епската јатка на книжениот логос и на поезијата да ѝ даде плодоносна димензија, која, како што нагласува и самата и во епиложниот автопоетички есеј кон книгата, „ги релативизира јазиците, ги одржува различностите, и го одржува ликот на нашата цивилизација, оваа и со нејзините досегашните поетски книги, со темелната свест за врвовите на лирската магија, со својата неотстапност и едновремена благост во уривањето на пречките на патот до единствениот, непореклив сопствен лирски идентитет Весна Ацевска успева речиси четириесет години да ја извојува и одржува неприкосновеноста на сопствената книжевна личност во корпусот на македонското книжевно општество, а со десетината преводи на нејзините книги на повеќе светски јазици и на меѓународен план.
Таа, како што е познато, беспоговорно ги заслужи и големата национална поетска награда „Браќа Миладиновци“ на „Струшките вечери на поезијата“ и реномираната поетска награда „Ацо Шопов“ на Друштвото на писателите на Македонија и највисоката македонска државна награда за долгогодишни остварувања во областа на културата и уметноста „Свети Климент Охридски“. Како што му прилега на секој стамен творец – постапно, трпеливо и гордо.