Фестивалот на кинематографиите на земјите на Југоисточна Европа SEE FF Paris-Berlin-Washington 2021, традиционално, како и секоја година, ги презентира најдобрите остварувања од регионот во европските престолнини Париз и Берлин, а од оваа година и во Вашингтон, САД.
Во селекцијата на фестивалот, кој почнува на 2 јуни и ќе трае до 7 јуни, се избрани македонските играни филмови „Ефектот насреќата“ од Борјан Зафировски и „ТМ“ од Ивица Димитријевиќ и Мартин Иванов. Покрај нив, во конкурецијата на анимирани филмови избрани се „Кавал“ од СашаСтанишиќ, „Карантин“ од Иван Андреевски и „Ритамот на падот“ од Ѓорѓи Митревски.
Единаесетто, онлајн издание на фестивалот на кинематографиите на земјите на Југоисточна Европа, се организира во соработка со универзитетите: Еуропа Прима од Скопје, ИНАЛКО од Париз, Хумболд од Берлин, а од оваа година на оваа иницијатива се приклучува и American University од Вашингтон.
За наградите на фестивалот ќе одлучуваат две жирија, европско и американско. Во состав на европското жири се Фроса Пејоска-Бушеро, професор на ИНАЛКО Париз и филмските критичари Кевин Колет и Ив Русле.
Американското жири го сочинуваат Роман Костовски, Патрисија Корбет, и Жаклин Хедингтон, филмски и литературни публицисти и критичари.
Наградените филмови од фестивалот, подоцна ќе бидат презентирани во рамките на проектот Балканофилмофилија во Скопје, во соработка со Кинотеката на Македонија и Општина Карпош, како и во повеќе други градови од Балканот.
Покрај покровителството од Министерството за култура на Република Франција, Министерството за култура на Црна Гора, со официјално писмо од Министерката Проф. Д-р Весна Братиќ до претседателот на фестивалот Јордан Плевнеш, објави дека ја продолжува традиционалната поддршка на фестивалот како еден од најважните промотори на културата на земјите од Југоисточна Европа во европските и светските центри.
Во досегашната историја на оваа манифестација која стана културен прозорец на новите имиња на синеасти кои за првпат ги презентираат своите остварувања во двата најголеми центри на Европа, досега се прикажани над стотина играни и поголем број документарни, кратки и анимирани филмови.
Покрај тековната фестивалска продукција, во соработка со Academia Balkanica Europeana, фестивалот ги воведе признанијата Легенди на Југосточна Европа во која ги вреднуваше опусите на режисерите Вељко Булајиќ, Душан Макавејев, Луцијан Пинтилие, Боро Драшковиќ. Оваа година виското признание му припадна на познатиот албански режисер Кујтим Чашку (SEE Film Legend 2021). Актерите Мики Манојловиќ, Мето Јовановски, Раде Шербеџија, Јон Карамитру, Емир Хаџихафисбеговиќ, Милена Зупанчич, Арта Доброши беа досегашни добитници на признанието Актер на Југоисточна Европа, а оваа година добитик на ова престижно признание е познатата актерка Мирто Аликаки од Грција (SEE Actress 2021).
Признанието за животно дело во областа на филмската документаристика „Гран При Фредерик Росиф 2021“ кое го носи името на еден од најпознатите автори на документарниот филм во светот, и припадна на Виржини Линхарт од Франција.
Наградата Еуропа Прима (Europa Prima 2021) е доделена на познатиот дипломат и филантроп Педро Кудел, Почесен конзул на Македонија во Португалија.