Во Куманово денеска се одржа првиот „Графити Фест“, на кој учествуваа десет млади уметници од Куманово, Скопје и Битола.
Настанот е во организација на Фондација за култура и спорт Куманово, а во соработка со жителите на комплексот згради К4 на „Октомвриска револуција”. Во рамките на уредување на овој дел од градот, беа засадени и садници од ЈП „Чистота и зеленило”-Куманово.
– Имаме цел да го уредиме и да дадеме една нова слика на овој дел или поточно овој комплекс каде живеат голем број на наши сограѓани, а и да го претвориме во едно место каде што повеќе ќе се движат младите и ќе прават заеднички дружби. Се надевам дека на овој начин дополнително ќе ја разбиеме и онаа монотонија што владее во оваа корона криза – изјави градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски.
Раководителот на секторот за култура, спорт, социјална заштита, заштита на децата и здравствена заштита, Цоки Ристевски вели дека за целокупната манифестација општината издвоила до 100 илјади денари, а во настанот се вклучени и неколку компании од општината.