Во позните месеци на 1791 година непознат странец се појавил на вратата на домот на Моцарт, претставувајќи „некој“ што барал од Моцарт да напише реквием. Во тој период Моцарт не бил во најдобра психичка и здравствена состојба, но понесен од големата сума пари што ја добил со оваа нарачка, се дал во пишување со опсесивна посветеност. Се покажало, сепак, дека за него, со оглед на нарушеното здравје, овој залак бил преголем. До 4 декември успеал да напише околу две третини од Реквиемот. Двата почетни става ги завршил во целост, а остатокот делумно го запишал или го скицирал. Последното нешто што Моцарт го напишал се првите осум такта од Лакримозата, чии стихови се „Оној плачлив (полн со солзи) ден“ (Лакримоза диес ила). Таков ден бил 5 декември 1791 година, денот кога Моцарт заминал во вечноста.
По смртта на Моцарт неговата вдовица Констанца, исплашена дека ќе ѝ ги бараат парите назад, замолила еден од учениците на Моцарт, извесен Јозеф Еиблер, да го доврши Реквиемот. Тој успеал само да оркестрира дел од скицираната музика, но не бил способен да го заврши докрај. Го предал на Франц Зисмаер, ученикот на Моцарт, кој од својот учител имал добиено детални инструкции како да изгледа Реквиемот. По комплетирањето на музиката тој своерачно ја препишал целата партитура (за да биде невозможно да се открие кои делови ги напишал Моцарт, а кои тој) и му ја предал на „мистериозниот нарачател“. Се верува дека тоа бил грофот Фон Велсег-Штупах, кого веќе го биело глас дека плаќа за да му се напише музика што потоа ја објавувал како своја. Реквиемот бил порачан во знак на сеќавање на неговата покојна сопруга. Цела деценија ѝбила потребна на Констанца да го убеди грофот да го признае Моцарт за вистински композитор на Реквиемот.
Со користење на искривен контрапункт и необичен литургиски архаизам, во Реквиемот Моцарт ги надградил претходно користените модели на музичко оплакување. Веројатно и околностите во кои пишувал, заедно со неговата прерана смрт, влијаат на нашето доживување на музиката. Исто така, несомнено, огромна улога игра и маестралното вметнување на музиката од Реквиемот и приказната за неговото создавање во генијално направениот филм-оскаровец „Амадеус“ на Милош Форман. Музиката е разорна во својата убавина и вреди морето од солзи што ќе се пролее додека се слуша Реквиемот.
Лада Шоптрајанова Петровска