Германската амбасада заедно со „Гете институтот“ и Кинотеката повторно ги организира Деновите на германскиот филм во летното кино „Мирно лето“ на Кинотеката во Скопје. Разновидната програма содржи повеќекратно наградувани играни филмови, како и пакет неконвенционални, автентични кратки филмови.
Фестивалот го отвори филмот „Берлин Александерплац“, наградувана опоменувачка драма за она што се случува во нашето време и општество.
Вечерва, во 20 часот, е проекцијата на „Кожурец“, трогателно нежен филм за растењето и изјава за љубов кон Берлин. В петок, во 20 часот, ќе се прикажува „Рока го менува светот“, филм за современа Пипи Долгиот Чорап – приказна за една храбра девојка. А в сабота, од 19 часот, ќе има пакет од кратки филмови и од 20.30 часот повторно реемитување на „Берлин Александерплац“.