Архитектите сакаат да се гледаат себеси како општествено корисни личности со добри намери. Архитектурата како професија се стреми да привлече луѓе што имаат желба да го променат светот кон подобро. А што би можело да биде поважно од превенција на пропаста на животната и општествената околина?
Речиси 40 отсто од емисиите на стакленички гасови во Велика Британија се предизвикани од градежната околина. Бројката може да е и поголема, во зависност од статистиката. Ова е алармантен податок, кој треба да предизвика зголемено внимание кај јавноста, и сугерира дека проектирањето згради и планската организација на градовите може да придонесат многу во борбата против климатската криза, пишува престижниот „Гардијан“.
Архитектите сакаат да се гледаат себеси како општествено корисни личности со добри намери. Архитектурата како професија се стреми да привлече луѓе што имаат желба да го променат светот кон подобро. А што би можело да биде поважно од превенција на пропаста на животната и општествената околина? Стручните расправии што се водат во однос на архитектонските стилови и форми се чинат неважни во споредба со влијанието што го имаат врз ефектот на „стаклена градина“. Ова нѐ води до прашањето како би изгледала архитектурата (или, уште поважно, какво би било нејзиното значење) ако сите што се вклучени во оваа проблематика сериозно и вистински ја стават климата во центарот на својот интерес. Дали бетонот би престанал да се употребува, со оглед на тоа што е директно посочен како особено штетен? И дали им дојде крајот на огромните висококатници „облечени“ со панелни плочи што треба да се менуваат на секои 30 години? Или, пак, генерално, треба да градиме сѐ помалку?
Овие жешки прашања беа тема на разговор помеѓу 17 архитекти, добитници на наградата „стирлинг“, која еднаш годишно се доделува од Кралскиот британски архитектонски институт. Во својата дебата, тие поставија еден сет од професионални принципи според кои тие и нивните колеги би требало да се придржуваат во иднина. Но реакциите што следуваа беа во стилот – колку се навистина сериозни во своите намери овие архитекти, кога се знае дека голем дел од нив проектира нови, големи аеродроми.
Она што се смета за одржливо решение се разликува во зависност од тоа кого сакаме да го прашаме за мислење. Аргументите во дебатата на еминентните архитекти се движат во насока на наоѓање една разумна средина во дејствувањето. Тоа во практика би звучело приближно вака: архитектите (исто како и градежниците, клиентите, инженерите и сите други што се вклучени во изградбата на објекти) немаат оправдување ако не дадат сѐ од себе во својата работа, која треба да направи најмал можен „удар“ врз квалитетот на животната средина.
Тука треба да се земат предвид многу работи. На пример, колку долго време би му било потребно на каменот од каменоломот да стигне до градежната парцела. Или, пак, дали остатоците од некоја зграда ќе завршат како закопан отпад или не, кога таа еден ден ќе биде срушена. Можно е да има потреба од „болни одлуки и решенија“ во однос на градежните материјали – откажување од омилениот бетон или црвената тула.
Ова би имплицирало и некои навистина тешки дилеми. Така, бетонот, користен правилно, го забавува степенот на ладење и топлење на зградата (тоа е добро), но, од друга страна, тој главно се прави од цемент, градежен материјал што е „одговорен“ за дури 8 отсто од емисиите на јаглерод диоксид во светот (тоа не е добро).
Одржливиот дизајн не треба да се смета само за техничка работа. Не е најважно да му платиме доволно пари на консултантот, кој ќе овозможи зградата добро да изгледа, ниту, пак, да ја купиме најновата и најмодерна вентилација. Поважно е дизајнот да биде целосно интегриран во самата архитектонска уметност. Идеално би било тој да им помага на зградите да бидат поквалитетни, подолготрајни, попријатни за живеење и естетски попривлечни. Секако, корисно би било да се додадат што повеќе природни материјали во проектирањето – камења и градежно дрво. Еден добар пример за еколошка градба е куќата Корк во Итон, голем фаворит за наградата „стирлинг“, која е изграден од прекрасни природни материјали, кои се обновливи, може да се рециклираат и нудат одлична изолација.
Ако анализираме уште подлабоко, неопходно е да истакнеме дека професијата архитект треба да го преиспита својот вредносен систем за тоа што е добро, а што не. Уште за време на факултетските денови, идните архитекти се обучуваат да бидат натпреварувачки и индивидуално настроени. Тие добиваат признание и почит кога ќе проектираат убава нова зграда, наместо тогаш кога би пронашле добар начин за изолација на старите куќи. Една работа е сосема јасна – кога секој архитект би ги следел принципите на новото еколошко градење, би се постигнал значаен напредок во зачувување на нашата животна средина, посочува „Гардијан“.
Сепак, овој збир на принципи не дава решение за проблематиката поврзана со аеродромите, каде што работите стануваат покомплицирани. Архитектите не можат да го контролираат бројот на луѓе што патуваат со авион, па, така, им остануваат две опции кога добиваат задача да проектираат аеродромски згради – едната е да одбијат да учествуваат во вакви проекти, а другата е со својата работа да придонесат новиот аеродром да биде колку што може „позелен“. Британските архитектонски фирми „Гримшо“ и „Фостер“ и архитектката Заха Хадид се одлучија за втората опција. Тие работеа на решенија за новите терминали на аеродромите „Хитроу“, „Мексико Сити“ и „Пекинг“. Но за Џереми Тил, директор на школата за уметност и дизајн „Св. Мартин“ во Лондон, „зелената“ активност на овие познати архитекти е обична фарса.
– Не може да имате аеродром ослободен од јаглерод. Архитектите мора да направат многу повеќе одошто да бидат само добро искористени инструменти на индустријата, тие треба да бидат не само дизајнери туку и активисти во одржувањето на околината – вели Тил.
Драстичните времиња бараат драстични мерки, сметаат архитектите Марија Смит и Фин Харпер.
– Ако е вистина дека остануваат само 12 години да се спречи катастрофата што следува поради климатските промени, тогаш формалните реформи во архитектурата се одвиваат премногу бавно за да донесат некаков резултат. Неопходен е радикално нов пристап во ставот кон градежништвото. Тоа, пак, само по себе, бара и промена на економскиот систем што стои зад него, а тоа е капитализмот – велат Смит и Харпер, според кои решението е во ресурсите што веќе постојат, па наместо да се задоволуваат апетитите на инвеститорите и добитници на профит, потребно е да се концентрираме на нештата што вистински го прават животот вреден.
Овие двајца архитекти тврдат дека сите состојки за добар живот постојат некаде во светот, потребно е само да ни се овозможи лесен пристап до нив. Што би значело ова на јазикот на архитектите? Учење од старите градежни техники, базирани врз обновливи материјали за градба, какви што се калта, сламата или трската, се разбира, разубавени со модерната технологија. Смит и Харпер ни нудат примери за машини што произведуваат тули од кал, панелни плочи од коноп и вар, материјали направени од рециклирано грубо платно или од борови иглички помешани со борова смола. Постои техника за градење столбови по пат на полнење груби ткаенини со песок и струганици. Тука е и мицелиумот, еден вид габа што може да се искористи за правење тули.
Сепак, постојат одредени празнини во идеите на Смит и Харпер, наведува „Гардијан“. Доколку се соочуваме со итна потреба за спас на климата, немаме време да чекаме да се промени целата економска и социјална база на модерната градежна индустрија. Исто така, нејасно е дали експерименталните техники што ги наведуваат тие би можеле да се развијат со брзина доволна за да се дојде до некаков позначаен напредок. Но јасно е дека сите фактори вклучени во процесот на градба треба да го дадат најдоброто од себе за да го намалат своето лошо влијание врз квалитетот на климата, што, ако имаме среќа, ќе доведе и до поквалитетна архитектура. В.Б.Н.