Гудачкиот квартет на Пламенка Трајковска ќе одржи концерт со наслов „Музика и филм“, вечерва, во 20 часот, во центарот за култура АСНОМ во Гостивар. На програмата се музички теми од познатите филмови: „Пиратите од Карибите“, „Џејмс Бонд“, „Мирисот на жената“, „Шиндлеровата листа“ и други. Ќе бидат изведени композиции од култните композитори на филмската музика Џон Вилијамс, Енио Мориконе, Ханс Цимер, но и од сосема класични автори чија музика е застапена во филмовите.
Музичките теми ќе бидат изведени од гудачки квартет во аранжман на Пламенка Трајковска. Сите композиции ќе бидат илустрирани со музички клипови од филмовите што дополнително визуелно ќе ја поткрепуваат музичката креација. Во гудачкиот квартет, покрај Пламенка Трајковска, ќе настапат и Наташа Диденко на виолина, Љубица Бошкоска на виола и Маја Михајловска на виолончело.
Пламенка Трајковска – гудачки квартет досега има реализирано голем број концерти, со единствена цел доближување на класичната музика до најшироката публика. Ваков сличен концерт со музика од цртаните филмови наменет за детската публика тие успешно реализираа во април во Кичево, а сега возрасните гостиварци ќе имаат можност да уживаат во нивното музицирање со филмски теми.
Концертот се реализира по повод одбележувањето на Илинден и е поддржан од Министерството за култура.