Во галеријата на МКЦ е отворена групната изложба „4 пати слобода“, заеднички проект на четири ликовни жени уметници, кои потекнуваат од различни културни средини, од различни етникуми, со различен ликовен сензибилитет и визуелен пристап. Заедничко е тоа што се жени и делат сродни размислувања за важноста и ексклузивноста на слободата на жената во потрадиционалните општества, како и општествата од каде што доаѓаат и самите.
Станува збор за Јана Јакимовска, Шќипе Мехмети, Снежана Мелник и Ала Хвастунова; првата е Македонка од Скопје; втората, Албанка од Кичево; третата, Украинка од Брјанка; четвртата, Русинка од Јарослав. Различни во својата визуелно-медиумска експресивност и начин на пренесување на мислата, но единствени во ставот за борбата за феминистичките права, за еднаквоста, за слободата на сите жени, за свесноста за својата телесност, еротичноста, табуата.
– Можеме ли отворено да зборуваме за тело, голотија, слобода на одлучување, право на абортус, развод, домашно насилство, физички изглед, задоволства, влакна, менструални циклуси итн.? За жал, регионот сѐ уште страда од табуизирања, од генерализирања, стигматизирања, заткулисност. Патиме од обележувања, социјална непријатност, жртвувања. Фактот дека за овие проблематики треба постојано да се зборува, да се третираат во разновидни форми и медиуми, за да бидат видливи, достапни, разбирливи и постојано да ја поттикнуваат отворената дебата за важноста на жената и нејзината улога во општеството, е една од фундаменталните причина за изложбата „4 пати слобода“ – велат авторките.