Изложбата „Калеидоскоп“ денеска од 12 часот ќе биде отворена за посетителите во музеј-галерија Кавадарци. На овој културен настан ќе бидат претставен само дел од досегашното уметничко творештво на младите графички дизајнерки Маријана Иванова и Симона Трипкова. Оваа изложба е дел од меѓународниот проект „КреАрт“- Мрежа на градови за уметничко творештво , кој има за цел да им овозможи на младите артисти поголема слобода и мобилност.
Графичките дизајнерки Маријана Иванова и Симона Трипкова низ окуларот на сопствената уметничка естетика прават напори своите идеи за современото секојдневно опкружување да го пренесат како сублимирана порака на публиката и на тој начин да говорат за девијациите или придобивнките на општеството во кое опстојуваме. Изложбата опфаќа околу триесетина плакатни решенија со кои авторките учествувале или добиле награди на различни светски конкурси, третирајќи најразлични теми.
Маријана Иванова своето образование го стекнала во Софија каде дипломирала на Националната академија за уметност во 2017 година на одделот за плакати и визуелна комуникација на БФА. Таа е дизајнер на постери и графички дизајнер кој работи во областа на дизајн на постери, книги, илустрации, сликарство, цртање и лого рекламна конструкција. Досега има учествувано на повеќе од 45 групни изложби и меѓународни натпревари во 15 земји додека својата изложба за самостоен плакат „ИМпостер“ ја претстави во две институции во нашата земја.
Иванова е добитник на втората награда на „V младински пролетен салон“ во Нацоналната галерија на Македонија – Чифте Амам 2012 и добитник е на првата награда на наградниот конкурс „Работа во 2030 година“ – Потсдам, Германија во 2018 годин, додека минатата година нејзиниот плакат за „Тетовирање“ победи во артистичката категорија на конкурсот за пакат организиран од Биеналето за дизајн во Перу, во конкуренција над 10 000 плакати.
Симона Трипкова од 2014 година е креативен директор на Скопје постер фестивалот, креирајќи визуелни, промотивни дизајнерски решенија за Скопје постер фестивал и Меѓународниот студенски натпревар за постери. Инаку таа е дипломец на Универзитетот ФОН на одделот за графички дизајн каде и магистрира во 2016 година. Трипкова во периодот од 2013-2015 година била предавач за графички дизајн и практична употреба на уреди на факултетот за дизајн и мултимедија при универзитетот ФОН.
Од нејзините најзначајни проекти го издвојуваме незиното ангажирање како раководител на дизајн, каталог 7-ми, 8-ми и 9-ти „Скоје постер фестивал“, дизајн предлозите за највлијателните 50 компании во земјата како дел од проектот „Производство на знаење“, публикацијата – дизајн на монографска книга на модниот дизајнер Изет Цури и учеството на повеќе групни изложби и работилници во Македонија и во земјите од регионот. М. М.