Идејата за проектот „Пејзажни фасцинации 20“ на Атанасоски се надоврзува на неговите претходни проекти, во кои концепцијата се темели на монохромијата, минимализмот, математиката – геометријата и имаат цел да ја бараат естетиката на хармонизирање на соживотот помеѓу природата и човекот, нешто што и по најновата криза низ која минува човекот со пандемијата на ковид-19 се покажа како особено нужно
Уметникот Атанас Атанасоски од Прилеп во полуполниот простор на големата галериска сала во „Чифте-амам“, во Скопје, денеска, ќе започне да работи на проектот „Пејзажни фасцинации 20“, односно да ја гради својата нова инсталација, а публиката онлајн ќе може да го следи процесот од 10 часот истиот ден, до 20 часот на 5 јули. Проектот е во реализација на Националната галерија на Македонија, а онлајн следењето на неговата изведба ќе биде проследено со информации, фотографии, видеа и разговори.
– Идејата за реализација на проектот „Пејзажни фасцинации 20“ на Атанас Атанасоски се надоврзува на неговите претходни проекти, во кои концепцијата се темели на монохромијата, минимализмот, математиката – геометријата и имаат цел да ја бараат естетиката на хармонизирање на соживотот помеѓу природата и човекот, нешто што и по најновата криза низ која минува човекот со пандемијата на ковид-19 се покажа како особено нужно.
Од културната стратиграфија, како инспиративен момент се пејзажните фасцинации, кои и претходно биле својствен мотив за неговиот творечки сензибилитет. Специфичноста на овој проект, но и на претходните е препознатлив по материјалите со кои ги моделира неговите дела, колоритот и структурата, но и формата, која секогаш има да пренесе некаква симболика – се вели во најавата за проектот.
Многубројните варијанти на трнлива вегетација, која ја има во изобилство во неговата непосредна близина, се еден од основните модули со кои Атанасоски ја гради структурата. Станува збор за трнлива вегетација, која по бербата ги задржува цврстата структура и колорит. Таа нуди можност за пристап кон уметничкото изразување, кое поради растечките еколошки и социјални проблеми станува сѐ порелевантно и социјално ангажирано.
– Играта на точно одредените линеарни визури, ликовната изведба се фокусира на природните материјали како податни ресурси при обликувањето на вегетативните структурални површини. Обликот на трнот, од друга страна, е мошне актуелен симбол на самиот вирус, кој ја нападна нашата планета и го смени начинот на нашето функционирање и општење. Оваа сличност е сосема случајна и нетенденциозна, но со самото тоа концептот и изборот на материјалот стануваат мошне рецентни – истакнуваат од Националната галерија на Македонија.
Поткуполниот простор на големата галериска сала во „Чифте-амам“ со својата специфична архитектонска градба со богатата архитектонска пластика и во овој случај ќе претставува посебен инспиративен предизвик.
– Ја прифатив уметноста, која претставува сè, господар на универзумот, ѝ се восхитувам на нејзината големина, а јас сум само дете што игра на земјата и на ѕвезденото небо – вели Атанас Атанасоски.