По двонеделно разгледување и препрочитување на пристигнатите над 200 ракописи на годинашниот Конкурс за краток расказ на „Нова Македонија“, членовите на комисијата во состав: Александар Прокопиев, селектор, и Весна Дамчевска, уредничка на редакцијата за култура и претставничка на „Нова Македонија“, ги избраа најдобрите за ова издание.
На Конкурсот за краток расказ доделуваме три главни награди за расказите: прва награда за „Присвоено јунаштво“ (шифра: Војсководец), втора награда за „Дедо Митре го урива покривот“ (шифра: Чатија) и трета награда за „Инаетот што тлее меѓу нас!“ (шифра: Ашурбанипал). Откупни награди освоија расказите: „Несреќна случка“ (шифра: Феликс), „Кој се плаши од Минотаур?“ (шифра: Лаванда) и „Колекционер на кукли“ (шифра: Весна и Звонко). Во наредните денови очекуваме авторите на наградените раскази да се јават во редакцијата на „Нова Македонија“, со примерок од расказот како потврда. Наградите ќе бидат свечено доделени кон крајот на месецов.
Автентични и иновативни теми, коректна јазична структура, стилска разноликост и вешта раскажувачка техника беа некои од основните критериуми по кои се раководеше жирито. Одлуката за доделените награди за 2018 година е донесена по сериозно препрочитување на пристигнатите ракописи и по одржувањето на два состанока, на кои изборот се стеснуваше.
– Како и секогаш, пристигнаа голем број раскази, тематски и стилски разновидни. Овој пат квалитетот беше евидентен во најдобрите триесетина раскази што влегоа во поширок круг. Исто така, карактеристика годинава е тоа што имаме многу современи постапки и содржини од секојдневните доживувања, но претставени на многу интересен и индивидуален начин, така што иако жирито едногласно ги избра најдобрите, имаше поширок избор раскази што го пленеа вниманието и се читаа навистина со едно читателско задоволство – вели селекторот Александар Прокопиев.
Според оцената на жирито, во однос на темите, додека во претходните години имаше изобилство текстови со пренагласена биографска и рурална тематика, и
тоа во една буквална смисла, со исклучок на минатата година, овој пат го немаше тоа, но евидентно беше дека многу теми се однесуваа на болници, смрт, крај на животот и сите беа интонирани во една, ако не трагична, тогаш сигурно жална смисла. Голем дел раскази беа на современи и актуелни теми од политиката со предзнак: референдум, гласање, политичари како главни ликови…, што укажува на обземеноста и од овие теми во секојдневието. Љубовните теми, иако важат за безвремени, овој пат беа поретки. Меѓу поинтересните беа некои реалистични градски приказни.
По едномесечното собирање, разгледување и препрочитување на расказите што беа испратени на Конкурсот за краток расказ на „Нова Македонија“, жирито заклучува дека конкурсот е успешен, бидејќи пристигна одлична бројка ракописи.
Краткиот расказ како иницијална форма на секоја добра проза и преку овој конкурс покажа дека е инспиративен за најразлични раскажувачки постапки. Што е уште поважно, во духот на времето, некои од расказите беа поврзани за современи теми и со нов модерен израз.
По доделувањето на наградите, избраните раскази редакцијата на „Нова Македонија“ ќе ги објавува во прилогот за култура ЛИК, кој излегува секоја среда.
Главни награди
Прва награда – „Присвоено јунаштво“ (шифра: Војсководец)
Втора награда – „Дедо Митре го урива покривот“ (шифра: Чатија)
Трета награда – „Инаетот што тлее меѓу нас!“ (шифра: Ашурбанипал)
Откупни награди
„Несреќна случка“ (шифра: Феликс)
„Кој се плаши од Минотаур?“ (шифра: Лаванда)
„Колекционер на кукли“ (шифра: Весна и Звонко)