Изложбата „Патот на Сефардите“, освен во Скопје, досега гостувала и во Берлин, Краков, Белград и во Токио
„Патот на Сефардите“ е насловот на изложбата на фотографии отворена во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија, која нуди впечатлив поглед на 18 града што ја сочинуваат Мрежата на еврејските населби во Шпанија: Авила, Барселона, Касерес, Калахора, Кордоба, Естела-Лизара, Ервас, Хаен, Леон, Лусена, Монфорте де Лемос, Овиедо, Пласенсија, Рибадавија, Сеговија, Таразона, Толедо и Тудела. Меѓу нив е и една фотографија посветена на традиционалната сефардска гастрономија.
Оваа патувачка изложба досега гостувала и во Берлин, Краков, Белград и во Токио, а во Скопје се одржува по повод 25-годишнината од воспоставувањето на билатералните односи на земјава со Кралството на Шпанија.
– Авила е земја на мистици и витези. Нејзиниот величествен воздух се меша со магичното наследство на Евреите и крстоносците што ја населувале. Уште пред да стигне до милениумската почва на Авила, патникот останува воодушевен од спектакуларниот поглед на импресивните ѕидови, кои, пак, ги кријат хебрејските тајни што чекаат да бидат откриени – стои во краткиот текст за овој град.
За импресивните улици на еврејскиот кварт Каљ во Барселона, пак, меѓу другото е посочено дека таму сѐ уште се чувствува наследството на „еврејските светци и принцови“, како што рекол Бенџамин од Тудела (1130 – 1173 г.), познатиот средновековен еврејски патник, кој ги посетил Европа, Азија и Африка во 12 век. Неговиот портрет е на фотографијата за Тудела, кој се смета за уникатен град каде што три култури живееле во срцето на кралството Навара. Градот е со христијанска катедрала на еврејско и муслиманско срце, а стариот дел е сместен меѓу една арапска и две еврејски населби.
Илјадагодишниот град Касерес, кој е прогласен за светско наследство на човештвото, пак, е претставен со фотографија со тесни улички, бели варосани и светли куќи, додека паноpамскиот поглед на Калахора го нуди задржаниот кружен распоред на овој некогашен римски град.
Кордоба е посочена како место каде што е роден големиот Мајмонид, град познат по мудреци и поети, а за Естела-Лизара, градот на северот од Шпанија со палати, реки и мостови пишува дека уште во 11 век бил окарактеризиран како место што на улиците на еврејскиот кварт ги крие трагите на славното хебрејско минато. Меѓу местата од оваа мрежа на еврејски населби е и селото Ервас со куќи од тули и дрво што го евоцираат неговото средновековно минато. Еврејската населба во градот Хаен, каде што Евреите живееле повеќе од петнаесет века, ја карактеризираат архитектонска убавина посочена како носталгична и богато културно наследство.
Меѓу другите мошне е ефектна фотографијата од Леон, со краток текст дека трагите на еврејскиот кварт, сместен во срцето на стариот дел од градот, се протегаат околу населбата Барио Умедо. Посочено е дека таму улиците, плоштадите и ќошињата коегзистираат со анимираните пазари, продавници и барови, но и дека во мистичниот амбиент сè уште се чувствува присуството на витезот Мозес де Леон, авторот на познатото дело „Зохар“.
На оваа впечатлива изложба е прикажана фотографија и од Лусена, бисерот на Сефарад, населба некогаш позната како градот на Евреите бидејќи била населена исклучиво од Евреи.
– Нивниот историски белег е сè уште присутен на плоштадите, улиците и несекојдневните гробишта чии, пак, надгробни споменици го чуваат светиот спомен на рабините и поетите – стои меѓу другото за оваа населба, која е една од 18-те прикажани на изложбата „Патот на Сефардите“.
Заслужува внимание и фотографијата од еврејскиот кварт од Рибадавија, познат и по своите прослави, кои потсетуваат на еврејските свадби што се одржуваат секоја година во градот, но и од повеќевековната Таразона со нејзините единствени и типично висечки куќи и тесните ходници и мистериозни улички. Остатоци од хебрејската историја што времето не успеало да ги избрише.
Наведените 18 града го чинат здружението на еврејски населби на Шпанија „Каминос де Сефард“, кое е еден од организаторите на изложбата. Тоа работи на заштита на урбаното, архитектонското, историското, уметничкото и културното наследство на сефардските Евреи во таа земја, за развивање културни и туристички проекти и размена на национални и меѓународни искуства. Формирано е во 1995 година, а на европско ниво е основач на Европската асоцијација за зачувување и промоција на еврејското наследство, која работи на развој на неговиот европски дел.
Сефарди се Евреи од Шпанија, кои по прогонот од инквизицијата (1492 г.) масовно се раселиле низ Европа, главно на териториите под османлиска власт, вклучувајќи ја и Македонија.