Земаљскиот музеј од Сараево ни гостува со патувачка изложба за Босна и Херцеговина од крајот на 19 и почетокот на 20 век
Посетителите на Музејот на градот Скопје добија можност да ја видат вчеравечер отворената патувачка изложба „Помеѓу две империи, Босна и Херцеговина во фотографиите на Франтишек Топич 1885 – 1919 година“, подготвена од Земаљскиот музеј на Босна и Херцеговина (БиХ) во Сараево. Нејзин автор е Мирсад Сијариќ, в.д. директор на истиот музеј, а организатори се кустосите Драгица Живкова и Игор Кузманоски од Музејот на градот Скопје. Оваа значајна изложба содржи 96 репродукции на фотографии што се дел од богатиот корпус на негативи од крајот на 19 и почетокот на 20 век со кои располага Земаљскиот музеј на БиХ, а се потпишани од еден од најистакнатите пионери на фотографијата во Босна и Херцеговина – Франтишек Топич, роден во 1857 година во Држковице, Чешка.
Топич поголемиот дел од својот работен век го поминал во истиот музеј, а неговите фотографии се сметаат за неодминлив извор од прва рака при истражувањето на интимната историја и географија на босанското општество во зората на Првата светска војна.
– Без разлика на фактот што повеќето од фотографиите на Топич, повеќе или помалку коректно, аматерски или маестрално, уметнички или документирано го бележат целиот спектар на социјалните и природните појави, ентериерите и екстериерите, профаните и сакралните објекти, посебно значење и најсилен впечаток оставаат кога истите тие се насочени кон сцените од секојдневниот живот – истакна Мирсад Сирајиќ.
Со изложбата „Помеѓу две империи, Босна и Херцеговина во фотографиите на Франтишек Топич 1885 – 1919 година“, Музејот на градот Скопје ја продолжува соработката со Земаљскиот музеј на БиХ од Сараево, која почна лани, кога во него гостуваше со својата изложба „Скопската тврдина – симбол на градот“, претставувајќи се пред тамошната културна јавност. Музејот на градот Скопје одбележува 70 години постоење и оваа патувачка изложба, која ќе може да се погледне до 11 декември, е само еден дел од неговите многубројни активности.