Претставата „Војна на sвездите Кабуки – Реносуке и трите лајт-сејбери“ синоќа во Токио беше на програмата на Јапонскиот театар
Јапонскиот театар подготви кабуки-верзија на „Војна на ѕвездите“, претстава што се базира на тематики од популарната франшиза, која го вклучува и Ичикава Ибизо Деветти, најзначајната ѕвезда на оваа традиционална актерска форма. Весникот „Гардијан“ во објавениот текст за оваа верзија, деновиве посочи дека и класичниот јапонски театар, кој комбинира високостилизирано движење и невообичаено вокализирање, ги замени катаните (самурајски мечеви) со лајт-сејбери (светлосни сечила од „Војна на ѕвездите“), а исто така ги замени и феудалните воини со силите на светлината и темнината.
Претставата „Војна на sвездите Кабуки – Реносуке и трите лајт-сејбери“, која синоќа во Токио беше на програмата на Јапонскиот театар, комбинира тематики од најновата трилогија на франшизата, заменувајќи ги заплетите, кои датираат од времето на ривалството на феудалните кланови, со драмата од „далечната, далечната галаксија“.
Ичикава Ибизо Деветти, најистакнатиот кабуки-актер во Јапонија, излегува на сцената како Кајло Рен, синот на Хан Соло и принцезата Леја, пред 50 добитници на интернет-лотарија, додека, пак, десет дена по изведбата на „Војна на ѕвездите“, е планирано кабуки-театарот да се спои со светот на анимето и мангата преку адаптацијата на „Наусикаа од долината на ветрот“ од реномираниот јапонски режисер Хајао Мијазаки.
Доближувањето на претставата со премиерата на „Подемот на Скајвокер“ е најновиот обид на кабуки-театарот да се отвори кон пошироката публика. Дури и за традиционалистите, темата „Војна на ѕвездите“, не би претставувала никаков проблем, со оглед на популарноста на филмовите во Јапонија и земајќи го предвид фактот дека јапонските теми играат клучна улога во обликувањето на франшизата во текот на својата 42-годишна историја.
Џорџ Лукас бил под големо влијание на познатиот јапонски режисер Акира Куросава, па затоа неговиот прв филм од франшизата „Војна на ѕвездите – Нова надеж“ бил благо инспириран од филмот „Скриена тврдина“ на Куросава од 1958 година.
Во чест и посветеност на својата кауза, џедите, кои наместо катани користат лајт-сејбери, биле долго време споредувани со самураите, бидејќи и нивните лелеави наметки се многу слични на она што би го носеле феудалните воини. Исто така, постојат јасни сличности помеѓу шлемот на Дарт Вајдер и шлемовите што ги носеле самураите кога оделе во битка.
Џ.Џ. Абрамс, пак, кој ги режира филмовите „Војна на ѕвездите“ од 2013 година, открива дека распуканата маска на Рен е инспирирана од јапонската техника кинуцуги, каде што пукнатините во керамички производи се пополнуваат со сребро или со злато, за да се истакнат наместо да се покријат.
Кабуки-приказните, изведени од исклучиво машки актери облечени во комплицирани и тешки костими и разнобојни маски од шминка, се занимаваат со теми на самурајско ривалство, љубов, самоубиство и обичен граѓански живот.
Добриот изглед и актерски стил на Ичикава помогнаа да оживее интересот за оваа уметничка форма, особено кај помладата генерација. Тој беше прогласен за витез од редот на уметноста и книжевноста во 2007 година, откако ја воодушеви публиката во Европа, Австралија и во САД. Ичикава, кој беше посветен на „Војна на ѕвездите“ и беше тесно вклучен во пишувањето на сценариото и правењето на кореографијата за адаптацијата, верува дека оваа претстава ќе биде она клучното што ќе го надмине уметничкиот јаз.
– Оваа претстава ја прикажува сагата за љубовта и загубата на семејството Скајвокер, која се протега повеќе од 40 години. Претстава во која и обожавателите на „Војна на ѕвездите“ и обожавателите на кабуки можат да уживаат – изјавил тој при откривањето на проектот на почетокот од месецов.