Друштвото на филмски работници го почна проектот „Македонски анимиран филм 1971 – 1991“, во онлајн форма, преку лансирање на веб-сајтот macedonian-animation.com. Ова е прв проект што ја разработува и документира оваа значајна тематика од македонската култура и е поврзан со јубилејот 50 години македонски анимиран филм.
Овој проект е дел од програмската активност на Друштвото на филмски работници на Македонија, а неговата цел е да ја запознае јавноста со творештвото на пионерските македонски аниматори од 1970-тите и 1980-тите години, кои, и покрај мноштвото домашни и меѓународни награди, се подзаборавени и не го заземаат вистинското место во македонското филмско и културно наследство.
– Приказната на македонскиот анимиран филм почнува пред речиси 50 години, во 1971 г., со „Ембрио No. M“ на Петар Глигоровски. Глигоровски, Дарко Марковиќ, Боро Пејчинов и Делчо Михајлов се генерацијата што ги поставува темелите на македонската анимација. Овие автори го достигнуваат својот зенит кон крајот на 1970-тите и почетокот на 1980-тите години, создавајќи извонредни филмови, кои имаат добиено значајни признанија на големи светски фестивали. Филмовите главно се продуцирани од „Вардар филм“, институција во која креативноста и ентузијазмот на авторите, нивниот уникатен израз и идеја за анимиран филм се спојуваат со филмското знаење и искуство. Во тоа време кон нив се приклучуваат и други автори: Афродита Марковиќ, Мице Јанкуловски, Славољуб Игњатович, Мирослав Грчев и други, кои заедно ја збогатуваат македонската кинематографија со повеќе од 30 анимирани филмови.
Гледано од денешен аспект, по бројот и квалитетот на филмовите, ова може да се смета за златна доба на македонскиот анимиран филм – велат од ДФРМ.
Проектот ќе вклучува биографии, артефакти од самите филмови, рецензии, есеи, оригинални интервјуа и многу други содржини. Поради условите наложени од пандемијата, избран е дигиталниот начин на претставување и промоција. Освен веб-сајтот, содржините ќе бидат промовирани и достапни на социјалните мрежи Фејсбук, Твитер и Инстаграм, во текот на целата 2021 година. Во иднина, кога условите ќе го дозволат тоа, планирана е изложба, публикација, како и ревија на анимираните филмови.
Автори на проектот се македонскиот аниматор и ликовен уметник Иван Ивановски и филмскиот промотер Слободан Јаќоски, во соработка со Друштвото на филмски работници на Македонија, Кинотеката на Македонија и „Вардар филм“. Проектот е финансиски поддржан од Град Скопје.