Библиотеката „Борка Талески“ од Прилеп, како жариште на културата во општината, е една од ретките што поседуваат збирка од околу 1.000 наслови на стари и ретки книги што се издадени главно пред 1945 година. Деновиве библиотеката објави каталог за дел од тие стари и ретки книги.
Во објавениот каталог е направен избор на 203 наслови, односно ретки книги издадени пред 1945 година, во период кога се формирало и првото читалиште „Надежда“. Дел од книгите е набавуван од поимотните граѓани, а некои се на српскохрватски, бугарски и руски јазик.
Една од тие ретки стари книги е „Фамилијарната библија“, отпечатена во 1879 година, донесена од Канада, од поранешен вработен од библиотеката, кому му ја подариле роднините од оваа прекуокеанска земја. Тука се и романот „Рагни“ од 1891-та, делото „Даворје“ од Ј.С. Поповиќ, печатено во Белград, во 1892-та, „Истински служби“ од И.Н. Потапенко од 1892-та, исто така издадено во Белград…
Некои од старите ретки книги библиотеката ги откупувала од прилепчани.
– Од историски аспект, старите и ретки книги се израз и потврда на вредностите и условите што постоеле на овие простори, отсликувајќи го начинот на човековото битисување и опстојување. Книгите се обработени и внесени во системот КОБИС – вели д-р Наде Караџоска, уредничка на каталогот.
Ќе следува и ново продолжение на каталогот, а наскоро некои од ретките книги ќе може да види и јавноста на изложба.